Бертранд Пикард и Андре Боршберг ќе покажат дека и без една капка гориво може да се лета без прекин, со погон само од соларна енегија, без емисија на штетни гасови, пренесува Reuters.
Со овој потфат овие двајца научници, иноватори и пилоти, сакаат да ги инспирираат луѓето и да им дадат надеж дека може да се сочува планетата со чиста технологија.
Со првата верзија на овој авион успеале без ниту една пауза да прелетаат 26 часа. Новиот Solar Impulse 2 е многу полесен, енергетски поефикасен, со подобри аеродинамички перформанси. За да го постигнат тоа, Пикард и Боршберг ги вклучиле сите индустриски гранки кои можат да им ја понудат потребната помош и поддршка.
Solar Impulse 2 е подобрена верзија на прототипот кој веќе има одлични резултати, и тоа со осум светски рекорди за четири години тестирање. Најзначаен беше првиот ноќен лет на соларниот авион што траеше 26 часа, 10 минути и 19 секунди, што е прв интерконтинентален лет од Мадрид до Мароко.
“Ние сакаме да покажеме дека зачувувањето на животната средина може да биде и возбудливо и профитабилно, а не здодевно како досега. Сакаме да покажеме дека и невозможното е достижно и дека чистата енергија е навистина остварлива цел. Со повеќе самодоверба и желба сѐ е возможно“, вели Пикард.
Solar Impulse 2 има распон на крилата од 72 метри, поголем е од Boing 747-8, а на него има поставени 17.248 соларни ќелии со дебелина од 135 микрони, четири литиумски батерии тешки 633 килограми, што е една четвртина од тежината на целото летало кое тежи 2,3 тони, слично на тежината на патничките автомобили. Неговата просечна сила за 24 часа е како на помал мопед од 15 коњски сили. Максималната висина е 8.500 метри, минималната брзина која е потребна е 36 километри на час.
Летот околу светот би требало да го спроведат во март 2015-та година. Појдовна точка им е Персискиот залив, потоа ќе се движат кон Арапското море, Индија, Кина, Соединетите Американски Држави, Атланскиот океан, а потоа кон јужна Европа или Северна Африка.