Рускиот милионер Виктор Векселберг го купи хотелот Белведере во Дубровник

77

belvedere

Некогаш најубавиот хотел во Дубровник, Белведере, кој беше разурнат во 90-тите, вчера на јавно наддавање и беше продаден на фирмата Вила Ларус, за 12,2 милиони евра. Зад оваа фирма, како што пишуваат хрватските медиуми, стои рускиот милионер Виктор Векселберг, а Белведере го купил за половина од почетната цена која изнесуваше нешто повеќе од 24 милиони евра.

Виктор Векселберг, чиј имот се проценува на 17 милијарди долари, своето богатство го стекнал работејќи со алуминиум. Во Дубровник веќе има вила и ресторан, а во 2007 година во овој град ја донесе изложбата на Фаберже јајцата.

Хотелот Белведере е во стечај од јули 2012 година. Некогаш беше симбол на луксузот, а сега е еден од ретките необновени хотели во Дубровник. Овој комплекс се протега на 45.000 метри квадратни во елитниот дел Плоче, со поглед на старото градско јадро и островот Локрум. Се проценува дека по 20 години пропаѓање, хотелот ќе треба потполно да се урне и во него да се инвестираат најмалку неколку стотини милиони евра.