Пакомак: Селектирањето на отпадот треба да стане навика на секој граѓанин на Македонија

36

Print

Компанијата Пакомак во соработка со градоначалничката на Тетово Теута Арифи и директорот на Јавното комунално претпријатие, Џелал Цека, ја продолжи големата еколошка акција за почиста околина и за подобрување на хигиенските услови во училиштата со поставување на наменски жолти контејнери за собирање на амбалажен отпад од пластика во секое основно училиште од оваа општина.

Учениците во одредени денови ќе треба да ги полнат контејнерите со амбалажен отпад од пластика со пластични шишиња од вода, сокови, јогурт, пиво, оцет, масло, шампони… Собраниот амбалажен отпад ќе го собира и мери во тежина ЈКП Тетово, а по дополнителното селектирање и сортирање на истиот, амбалажниот отпад ќе се рециклира наместо да заврши на депонија.

“Особено ни е драго што оваа акција се проширува и во други општини ширум Републиката и што отсега ќе се реализира и во општина Тетово. Досега проектот се реализираше во шест скопски општини и беше одлично прифатен од страна на учениците, наставниците и родителите. Нашата визија е да го прошириме и понатаму во што е можно повеќе училишта и општини, за нашите деца да се едуцираат и растат во еколошко опкружување и да градат навики за примерно однесување кон животната средина. Ова што денес го почнуваме во Тетово нема да заврши во јуни, туку планираме да стане нормална активност на училиштата и учениците“, изјави Филип Ивановски, главен извршен директор на Пакомак.

Градоначалничката  на Тетово, Теута Арифи, ја истакна заложбата на општина Тетово за создавање на еколошки чиста животна средина и обезбедување на поубава иднина за младите генерации.

“Екологијата и здравата животна средина се наш приоритет и сметаме дека добрите еколошки навики се учат од мали нозе. Се надеваме дека основците од нашиот град активно ќе партиципираат во оваа акција и сите заедно ќе помогнеме Тетово да стане ‘зелен’ град, но и дека акцијата ќе придонесе кон будење на еколошката свест на општинско и национално ниво и ќе поттикнеме и други општини и иституции да се вклучат во овој еко-проект“, изјави Арифи.

Проектот има и натпреварувачко-мотивирачки ефект, бидејќи на крајот на учебната година ќе се додели  награда за најеколошкото училиште од секоја општина. Заедно со Шпаркасе Банка ќе се наградат и учениците кои ќе носат најмногу пластични шишиња во текот на школската година.