На градовите и општините во Хрватска погодени со поплавите, ќе им биде овозможено да ангажираат невработени лица за коминални јавни работи на санација на теренот и расчистување на последиците од поплавите, а владата со 100% ќе ги финансира јавните работи на санација на поплавените подрачја, соопштија од Владата на РХ, пренесуваат хрватските медиуми.
Министерството на труд и пензиски систем во соработка со Хрватскиот завод за вработување (ХЗЗ), ќе овозможи финасирање на тие работници во полн износ, односно минимална плата ќе им исплаќа ХЗЗ, без партиципација на локалните единици на власт.
Програмите на јавни работи по погодените делови на Бродско-посавската, Пожешко-славонската и Вуковарско-сремската жупанија, а по потреба и другите жупании, ќе бидат одобрувани по забрзана процедура, стои во соопштението.
На истокот на Славонија трае борба со досега невидени поплави. Едно лице загина, две се водат за исчезнати, а голем број се евакуирани, јавува Индекс.
Водостојот на реката Сава и понатаму е екстремно висок, споро опаѓа и тешко е да се процени кога ќе се смири состојбата. Евакуацијата и понатаму трае.