Поплавите ќе ја чинат БиХ најмалку 500 милиони евра

47

bosna

Целосна проценка на материјалната штета се уште нема, но претседателот на Република Српска, Милорад Додик вчера изјави дека само на подрачјето на овој ентитет, штетите се повеќе од 500 милиони евра.

“Без помош од земјите од регионот и пошироко, последиците не можат да се санираат”, изјави Додик при посетата на некои од поплавените подрачја.

Поплавите во БиХ предизвикаа огромен број на свлечишта. Урнати се илјадници куќи или толку се оштетени што во нив не може да се живее. Според неофицијалните извори, само во општината Тузла се урнати или оштетени околу 500 објекти. Наносите од кал во Маглај по излевањето на реката Босна на некои места се високи и до два метри.

Точниот број на жртви од неколкудневните поплави не е познат. Полицијата во Република Српска извести за 16 жртви на подрачјето на овој ентитет, додека властите на Федерација не објавуваат никакви податоци со образложение дека не можат да зборуваат за тоа се додека не се повлече водата и не се утврди точниот број на загинати.