Хрватската компанија Franck вчера ја претстави својата Kava&Kava платформа, маркетиншка и технолошка иновација наменета за угостителските објекти и нивните потрошувачи.
Станува збор за комуникациска платформа која со помош на апликација за паметни телефони ги интегрира социјалните мрежи, угостителските објекти и мобилните уреди. Преку апликацијата се следат случувањата во угостителските објекти, може со пријателите да се сподели информација за локацијата (check in), да се повикаат на кафе и за тоа се собираат поени кои потоа се менуваат за награди.
Со лансирањето на платформата, Franck на угостителските објекти им нуди бесплатна алатка за промоција и директна комуникација со гостите преку огласување на промотивни акции, посебни понуди и раслични настани што ги организираат, пишуваат хрватските медиуми.
До крајот на годината, апликацијата треба да биде достапна за 2000 локали во Хрватска. Апликацијата бесплатно се презема од Apple AppStore и Google Play. До сега се приклучиле 300 локали, а уште пред официјалното претставување, апликацијата ја презеле преку 3.000 корисници.
Со ова Franck станува прва компанија на европскиот пазар на храна и пијалоци која на своите партнери во угостителството им нуди иновативно решение за ефикасна комуникација со гостите и програма за унапредување на бизнисот.