Општина Битола објави оглас за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање за изградба на објекти за комерцијални и деловни дејности, производство, дистрибуција и сервиси во јужната индустриска зона Жабени.
Станува збор за градежно неизградено земјиште во индустриската зона Жабени на кое, според урбанистичкиот план, е овозможено купување пет парцели за комерцијални и деловни дејности и девет парцели со различна површина за изградба на објекти наменети за производство, дистрибуција и сервиси.
Општина Битола информира дека се огласени 11 парцели за отуѓување по пат на јавно наддавање, исто така сопственост на Република Македонија, кои се наоѓаат во поранешната касарна, а се наменети за изградба на хотелски комплекс, катна гаража, трговски центар и станбени згради.
Во јавниот повик чиј рок истекува на крајот од овој месец, посочена е и можноста за купување градежно земјиште во градската работна зона северно од патот Битола – Новаци и локалитетот Француски гробишта со цел изградба на капацитети од сферата на лесната индустрија во кои инвеститорите ќе треба да вработат по 120 лица.
Општина Битола објави оглас и за продажба на објекти во поранешната касарна на АРМ кои се во сопственост на локалната самоуправа. На располагање се девет локации со различна површина и различна намена во зависност од деталниот урбанистички план за АРМ – втор дел. Продажбата на објектите ќе се врши по пат на јавно наддавање на 10 јули и според принципот на целосно преземање, видено – купено.