Њујорк добива зграда со посебен влез за богатите и сиромашните

23

zgrada njujork

Властите во Њујорк го одобрија контроверзниот проект на една градежна компанија која планира на зградата што ќе ја гради да направи посебни влезови за богати и за сиромашни станари.

Тие ќе живеат на иста адреса, но нема да можат да влегуваат преку ист влез.

Команијата Екстел планира да изгради 33-катница на Менхетен, во близина на Централ парк и реката Хадсон, во која станарите, во зависност од длабочината на нивниот џеб, ќе влегуваат или преку големата и главна врата или пак на споредната, до која се доаѓа преку мала и сокриена улица.

Според американските прописи за градење, големите станбени единици можат да се градат само доколку во нив е предвиден и соодветен број на социјални станови.

Зградата на Екстел ќе има 219 станбени единици, од кои 55 се социјални.

Станарите со поплиток џеб ќе можат да изнајмат еднособни и двособни станови меѓу вториот и шестиот кат по цена од 845 до 1.099 долари. Тие пак, кои немаат проблем со парите, ќе мора да ја платат пазарната цена што достигнува над 1.000 долари за метар квадратен.

“Вратата за сиромашни“ не е новина. Неколку згради во Њујорк веќе имаат посебни услови за сопствениците и за потстанарите кои обично немаат дозвола да користат дел од погодностите како што се базени или фитнес сали.

Тамошните власти ветуваат дека во иднина ќе се забранат вакви слични проекти бидејќи ја “фаворизираат дискриминацијата меѓу Американците“.