Македонскиот софтвер, неискористен потенцијал за странските пазари

48

Според анализите на ФИНКИ (Факултетот за информатички технологии и компјутреско инжинерство), за разлика од претходниот период, десетина македонски ИТ компании  развиле успешни производи што веќе ги продаваат на странските пазари. Ова претставува една нова димензија на домашниот софтверски пазар.

“Од ФИНКИ и од останатите факултети што се занимават со ИТ  во принцип излегуваат прилично квалитетни кадри на чија основа се темели растот на ИТ индустријата, особено во делот на развој на софтвер во кој има голем број мали и средни компании кои на концептот аутсорсинг развиваат софтвер за надвор. Според анализата што ја правевме пред неколку дена, веќе има десетина македонски компании кои стигнале до нивото да прават сопствени продукти коишто ги продаваат низ целиот свет”, вели деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.

Деканот потенцира дека тoa е сосема нова димензија на развојот на македонскиот софтверски пазар бидејќи станува збор за продукти што се успешни на светско ниво. На пример има продукти  кои имаат 500.000 корисници и тоа се веќе сосема други димензии на развојот на софтверската индустрија. Во изминатите десет години внатре во фирмите покрај едукацијата се собра доста искуство и знаење кое поприлично добро ни дава некоја позиција да можеме да успееме на светските пазари, дополнува Трајанов.

Како што потенцира Трајанов, разликата во домашната ИТ индустрија е тоа што има помал дел од компании што работат во Македонија, и постои поголемиот дел на компании што работат и развиваат софтвер што се продава на странскиот пазар. Во Македонија има компании со над 100-ина вработени што не продаваат ништо во државава. Секој нивен производ е наменет за надвор.

“Првин треба да се насочиме тука да развиваме локална вредност, апликативен софтвер,  адопција на мултискрин решенија прилагодени за македонскиот пазар и пошироко. Не е само во прашањето каде сме насочени туку колкав е  и пазарот во кој се наоѓаме,  бидејќи големината на пазарот го движи бизнисот. Ако локално не ги предизвикаме  големите компании да дојдат тука тие нема да дојдат”, изјави Горан Попоски од ИКТ Комората МАСИТ.

Значајни чекори се прават и во развојот на софтверскиот пазар и во дел од фирмите што почнаа со работа во рамки на Фондацијата ПСМ Инкубатор како почетни бизниси. Најголем дел од тие компании работат исклучиво за извоз.

“Ако се има предвид фактот дека станува збор за почетни старт ап бизниси приходите што ги добиваат од надвор се за почитување. Грубо компаниите имаат отприлика на годишно ниво околу милион евра приходи, што е сериозна бројка во услови на криза. Значи станува збор за сериозен потфат и ние сме задоволни од нивниот успех”, оценува Љупчо Деспотовски од ПСМ Инкубаторот.

Компаниите како што се Кодвел, Веб фактори, Њу медија, Глобал нет, најмногу работат аутсорсинг, но според Деспотовски, дел од нив се обидуваат да развијат и свои производи што би ги пласирале на странските пазари.

“Поедноставно е да се работи аутсорсинг, но во секој случај се надеваме дека полека полека, не само овие, туку и некои други компании ќе развијат сопствени производи и услуги што ќе ги продаваат надвор”, додаде Деспотовски.