Првото бебе од смрзната јајце клетка е родено во Ре-Медика. Приватната општа болница Ре-Медика последните три години ги посвети на имплементирање на постапката за смрзнување и чување на јајце-клетки за ин витро фертилизација.
„Нашата посветеност и работа резултираа со раѓањето на првото бебе од смрзната јајце-клетка во Република Македонија. Ре-Медика успешно го усвои и рутинизира методот на криопрезервација, со што на пациентите им се даде можноста за чување на јајце-клетки и нивно подоцнежно користење за сопствени потреби и за донација“, изјави проф. д-р Глигор Димитров, шеф на оддел гинекологија и акушерство.
Новороденчето е женско бебе родено со тежина 3 килограми и 670 грама, 51 сантиметар и напредува одлично. Смрзнатата јајце-клетка беше чувана во софистицирана лабораторија, прва сертифицирана и акредитирана за ИВФ на Балканот во специјални контејнери на температура од -196 степени целзиусови, постигната со течен азот.
Замрзнувањето на јајце-клетките е само една од новите методи кои во континуитет се воведени во последните години во Центарот за ин витро фертилизација во Ре-Медика.
„Целта ни е да ги следиме и етаблираме сите нови методи кои донесуваат прогрес во решавањето на проблемот со стерилитетот. За тоа ги имаме сите предуслови. Имаме одлично едуциран тим, современа опрема, работиме по современи протоколи. Тоа не прави силни, квалитетни и професионални во решавањето на проблемот на неплодноста. Зголемувањето на бројот на нашите пациенти тоа и го потврдува“, изјави доц. д-р Зоран Петановски, шеф на ИВФ во Ре-Медика.
Криопрезервацијата на сперматозоиди и ембриони е одамна рутинизирана постапка со голем процент на преживување, но заради фригилноста на јајце-клетките, нивното смрзнување и преживување по одмрзнувањето претставуваше голем проблем. Сега, со современиот начин на смрзнување (витрификација), процентот на преживување на јајце-клетките по одмрзнувањето достигна високи 90%. Јајце клетката може да биде чувана на ниски температури најмногу до 5 години.