Блест – машина што ја “проголтува“ пластиката и ја претвора во гориво

114

blest

Пластиката и производите од овој материјал се широкораспространети, иако се знае дека се еден од најголемите непријатели на животната средина. За нивното разградување потребни се стотина години, а за да се производат се користи нафтата.

Јапонскиот иноватор Акинори Ито конструираше уред кој пластичните ќеси ги претвора во гориво, а притоа нема емисија на јаглерод диоксид. Уредот што го продава компанијата Блест ја загрева пластиката и ја претвора во гас што се спроведува низ систем од цевки, каде пареата се лади и се кондензира во сирова нафта, пишува Пословни дневник.

blest-machine

Овој ефикасен уред може да преработи два килограми пластика во еден литар нафта, користејќи само еден киловат струја. Основната предност на уредот е можноста тешко разградливата пластика побрзо или целосно да исчезне од улиците и од депониите.

Цената на јапонскиот уред е околу 10.000 долари, а производителите планираат да ги намалат трошоците за производство и со тоа да го прилагодат да може да се користи во домашни услови. Се очекува цената на “уредот што ја проголтува пластиката“ да се намали со зголемување на побарувачката.

И покрај негативните ефекти на околината, во поголемиот дел од светот се уште се користат пластичните ќеси. Калифорнија е првата американска сојузна држава која ги забрани пластичните ќеси. Оваа мерка ќе почне да се спроведува од следната година кога пластичните ќеси за еднократна употреба ќе бидат забранети во продавниците за храна и во аптеките, а во останатите продавници забраната се очекува да се имплементира една година подоцна. Експертите за околина тврдат дека за целосно решавање на проблемот со пластичните ќеси потребни се повеќегодишни напори.