Моќта на зборовите

110

masina

Фото: Pixabay

Пред некој ден колешка, која е задолжена за продажба на нашите производи и услуги, ми рече „Петар, ми фалат зборови кога продавам. Не знам понекогаш што да кажам, т.е како да продолжам во комуникацијата“. Во суштина не и фалат зборови. Проблемот не е во количината на зборови, туку во вистинскиот избор и нивниот распоред. Понекогаш само со менување на редоследот или изборот на зборови (збор), може да се добие сосема друга конотација и поента на реченицата.

Зборовите имаат огромна моќ и влијаат во нашата секојдневна комуникација, и живот воопшто.

Ја знаете онаа приказна за слепиот бездоминик што просел?! Додека на знакот му пишувало „слеп сум, помогнете ми“, поминувачите му давале нешто ситно парички. Но, кога некој минувач му го сменил текстот на знакот, наеднаш сите почнале да му даваат парички на бездомникот. На знакот пишувало „надвор е прекрасен ден, а јас не можам да го видам“.

Зборовите може да те насмеат, зборовите може да те растажат, зборовите може да те возбудат, зборовите може да те смират, зборовите може да предизвикаат омраза, насилство, војна, зборовите може да предизвикаат љубов, среќа и мир. Со зборови може да не внесат во состојба на хипноза, со зборови може да манипулираме со другите (тоа многу се користи во маркетингот и продажбата, да си знаете). Магионичарите употребуваат „магични“ зборови во своите магии, религиозните луѓе моќта на зборовите ја користат преку молитвите, источњаците преку мантрите, а западната психологија тоа го нарекува, моќта на потсвеста.

Една од силните карактеристики на Стив Џобс беа неговите презентации и презентерски вештини. Тој имал моќ да влијае магично на своите соговорници. Анализите покажале дека еден од најважните фактори кој влијаел на уверливоста на неговите презентации, биле зборовите што тој ги користел во нив. Тој користел многу моќни зборови, кои потсвесно влијаеле на слушателите: фантастично, невидено, неверојатно, оригинално, супериорно, феноменално, за прв пат, најдобро во свет, инспиративно, магично, иновативно итн.

Внимавајте на вашите мисли тие стануваат зборови,

внимавајте на вашите зборови тие стануваат акции,

внимавајте на вашите акции тие стануваат навики,

внимавајте на вашите навики тие стануваат карактер,

внимавајте на вашиот карактер тој станува судбина.

 – Сун Цу.

Во прилог имате неколку совети кои треба да ги имате во предвид следен пат кога ќе употребите некој збор со цел да пренесете некоја порака, да кажете некому нешто, да примите информација или се разберете во некоја дискусија:

  1. Свесност: пак на цврсто прво место. Мора да сме свесни дека зборовите имаат огромна моќ, дека имаат влијание. Од друга страна ние најчесто НЕ сме свесни како ги употребуваме зборовите. Треба повеќе да мислиме, бидејќи во спротивно разликите и нејаснотијата во комуникацијата ќе биде уште поголема.
  2. Мислете повеќе: мислете пред да кажете нешто. „2 пати мери, еднаш сечи“ рекле старите. Клише, сите го знаеме, а колку го употребуваме вистински?! Мислете како зборовите ќе се одразат на соговорникот, мислете каков индиректен ефект ќе имаат зборовите, како ќе ја пренесат нашата порака, дали правилно сме го направиле изборот, редоследот или начинот на кој се кажани. И да знаете, ова е сериозна когнитивна способност. Ако ви е тешко не се грижете, само продолжете да работите на тоа.
  3. Дефинирање на значењето на зборовите: Проблемот во комуникацијата е тоа што ние уште на почеток не можеме да се разбереме. Тоа е поради фактот што сите ние уште пред да почнеме со разговорот, тргнуваме од различна појдовна точка.

Почеток на мудроста е во дефинирање на поимите

                                                                                                            Сократ

Тоа значи дека еден збор за мене има една перспектива, а за тебе друга. Ако дискутираме за љубовта, прво да дефинираме што е љубов за мене, а што за тебе.

  1. Научете да молчите: една мудрост вели „ако ја знаевме моќта на зборовите, многу често ќе премолчевме во негативни ситуации“. Понекогаш и не мора да кажеме се што ни лежи на душа. Треба да сме мудри и да знаеме кога да кажеме, а кога да премолчиме. Ефектот на кажаното може да е повеќе негативен од ефектот на премолченото.
  2. Трансформационен вокабулар: значи контрола на „навикнатиот“ вокабулар, и користење на зборови кои ќе го промената нашиот живот. Основата на овој концепт лежи во тоа дека зборовите што се дел од нашето искуство, стануваат нашето искуство (судбина). Ова значи наместо употреба на зборови кои се оружје, да се употребуваат како алатка:

k2

  1. Позадина на зборовите: не е исто:

Уверување (у-вера) ≠ Убедување (у-беда)

Во секојдневната комуникација ние многу често се „Убедуваме“ за некои работи.

Зборовите може да повредат или излекуваат некого! Што направија вашите зборови денес?! (оваа порака ја пишуваше на една слика што ја најдов на нет)

Со успех во промените.