Во потесен круг за купување на 73% од уделот во Телеком Словеније влегоа Deutsche Telekom, кој важи за најсериозен кандидат, и уште четири инвестициски фондови – американските Providence и Bain Capital и европските Apax и Cinven, јавува Ројтерс.
Од Deutsche Telekom и од фондовите одбиле да коментираат, а од Телеком Словеније не биле достапни за коментар за Ројтерс.
Обврзувачките понуди за Телеком Словеније би требало да бидат предадени до крајот на оваа година, а најповолниот понудувач се очекува да биде избран на почетокот на следната година.
Словенечката влада очекува конечната понуда да ја надмине берзанската вредност на Телеком Словеније, која во моментов изнесува 955 милиони евра и верува дека може да достигне до 1,6 милијарди евра.