Браќата Горан и Драган Вејновиќ од Загреб, под името Megaframe, работат на видео играта Fat Cook. За таа цел на глобалната платформа за финансирање Kickstarter планираат да соберат 6.000 фунти за да ја завршат својата прва игра, пишува Пословни дневник.
Браќата Вејновиќ на развојот на играта работат веќе околу една година, а главниот протагонист е дебелиот готвач кој се обидува да реши повеќе загатки за да го пронајде патот до скриените состојки со кои треба да го подготви специјалитетот што ќе го спаси човештвото.
Според авторите, не станува збор за класична 2D игра, туку за вистинска авантура во која играчите мора да размислуваат како да го пронајдат патот до рецептот.
“Мојот брат и јас имавме милион идеи за игри додека растевме и сега откако ги имаме потребните вештини и можности, одлучивме да се обидеме. Би било идеално во иднина да се посветиме само на играта. Процесот е креативен и интересен, а не е на одмет и фактот што игрите за мобилни телефони се едно од најбрзо растечките подрачја во креативната индустрија во последните неколку години“, вели Драган, кој моментално во Велика Британија се занимава со изработка на 2D и 3D анимација.
Се проценува дека пазарот на мобилни игри во 2014 година ќе заработи преку девет милијарди евра.
Kickstarter е најголемата светска платформа за собирање финансиски средства за креативни проекти. Може да донира секој со кредитна картичка, но парите ќе бидат донирани само ако проектот успее да ја собере зададената сума во определено време.