Со почетокот на зимскиот период за многу семејства почнуваат главоболките поради високите сметки за електрична енергија. За да ви биде удобно и топло во домот, ви даваме неколку едноставни и евтини трикови.
Користете завеси и ролетни
Дневната светлина во текот на зимските денови може да биде добредојдена за мало затоплување на домот, но штом зајде Сонцето, температурите почнуваат да се намалуваат. Дури и да имате прозорци со двојно стакло, студениот воздух лесно продира во внатрешноста на домот. Затоа практично решение може да бидат подебели завеси и спуштени ролетни.
Обложете ги ѕидовите
Познато е дека добрата внатрешна и надворешна изолација се најдобро решение и за задржување на топлината во зимскиот период и одбивање на жешкиот воздух во текот на летото. Но, дополнителна заштита, особено во текот на студените денови, може да бидат дури и уметничките слики, огледалата на ѕидовите или пак полиците за книги. Овој трик има двојна функција – и естетска и корисна.
Дополнителна заштита на надворешната врата
Надворешната врата, често пати и со стаклени делови, многу лесно го пропушта студениот воздух во внатрешноста на домот. Дополнителната заштита во форма на завеса или пак дополнителна изолација на рамката на вратата можат да спречат студениот воздух лесно да продира во просторот.
Распоред на мебелот
Бидете внимателни кога го правите распоредот на мебелот, особено креветот за спиење или пак гарнитурата за седење. Избегнувајте да ги поставувате покрај надворешните ѕидови или покрај прозорците, бидејќи таму температурата е пониска и воопшто нема да ви биде пријатно додека одморате или спиете.