ЕВН Македонија реализираше серија донации за социјално ранливите категории на деца од повеќе градови во државата, а за социјално загрозените семејства донираше пакети со прехранбени производи во верските заедници.
Со донацијата на прехрамбени производи за топли оброци во народната кујна Св. апостоли Петар и Павле на МПЦ во населбата Ѓорче Петров, ЕВН Македонија ги заокружи празничните донации. Оваа донација ќе помогне и годинава волонтерите да подготват празнични јадења за верниците на МПЦ кои ја посетуваат народната кујна.
Протоереј Љубе Вељановски посочи дека народната кујна е дом и место за прехранување на верниците кои се во тешка социјална положба.
“Изразуваме голема благодарност до ЕВН Македонија, кои и оваа година не не заборавија. Оваа донација ќе помогне бездомниците и другите граѓани кои се во тешка социјална положба да го почувствуваат духот на празниците“, рече протоереј Љубе Вељановски.
“Оваа донација за Народната кујна Св. апостоли Петар и Павле на МПЦ е симболична порака до нашите сограѓани од социјално ранливите категории дека за празниците не се сами, и не се заборавени. Добро е она што го имате да го споделите со оние што немаат, а новогодишните и божикните празници се време за споделување добрина и разбирање“, рече портпаролот на ЕВН Македонија, Атанас Ковачевски.
ЕВН Македонија и хуманитарната организација Хилал, која е во рамки на Исламската верска заедница донираа прехрамбени продукти за над 800 социјално ранливи семејства.
ЕВН Македонија и Црвениот Крст во изминатиов период ја реализираа и новогодишната хуманитарна акција Да споделиме радост. Децата од социјално загрозените категории, децата со пречки во развојот и инвалидитет, штитеници на домови за грижа на деца, згрижувачки центри за деца од улица и други ранливи категории од повеќе градови низ земјава имаа можност од 12 до 26 декември да уживаат во новогодишни претстави, фотографирања со Дедо Мраз и новогодишни пакетчиња со училишен прибор: ранци и слатко изненадување.