Иранските потрошувачи ги сакаат американските производи

44

„Големиот сатана“ се уште продава во Иран. Дури и по децении дипломатски разидувања и затегања на економските санкции, американските производи успеваат да си го најдат патот до иранските пазари. Патиштата се различни: преку илегални извози, добивање дозволи за соработка и со легална трговија со добра кои не потпаѓаат под ембаргата на САД заради иранската нуклеарна програма.

Тоа се лекции за тешкотиите со кои се соочуваат напорите на Западот да ја изолираат иранската економија, при што се продлабочуваат врските со Азија, каде дистрибутерите служат како посредници и им протнуваат американски и други добра на иранските трговци. Но санкциите исто така ја погодуваат и иранската валута и ги поскапуваат сите увози, со што може да се зголеми домашниот притисок врз иранскиот владеачки систем.

Иако бројот на „Мејд ин Америка“ стоки во Иран е драстично помал од извозите од Европа, Кина и од соседната Турција, некои од најпознатите американски брендови можат да се најдат во Техеран и во другите поголеми градови. Можно е да си ги проверите вашите имејл пораки на ајфон, да пиете Кока Кола и да трчате во сала со патики Најк.

– Постојано следам кои се новите производи на Епл во продавниците, вели Камјар Нијаки, 19-годишен бруцош на Универзитетот Азад во Техеран, додека игра Енгри брдс на својот Ајфон 4с – кој во Иран чини околу 800 долари – во шопинг молот на северот од Техеран кој е популарен кај младите луѓе заради понудата на компјутери, мобилни телефони, софтвер и апликации. Ајфон и другите производи на Епл вообичаено влегуваат во Иран преку мрежите во Дубаи или преку азиски дистрибутери, кои исто така превезуваат со бродови се, од евтини копии на Мекбук до лажни Левис и Томи Хилфигер. Преку слични трговски патишта од Далечниот Исток или од блискиот Дубаи исто се внесуваат апарати за домаќинство Вестингхаус и програми на Мајкософт. Тие се најверојатно виновни и за моделот на гитара епифон на Гибсон од Нешвил, која минатата недела Али Махмуди му ја купи на неговиот најстар син за 1.200 долари – повеќе од двојно поскапо од цената во САД.

Мојот син знае од неговите соученици во средното училиште дека американските гитари се се уште најдобри, вели Махмуд, по професија инженер. Средновечните Иранци се сеќаваат на времето кога продавниците беа преполни со американски производи, а Кадилакот беше златниот стандард на патиштата; се уште по некој „ѓавол од Детроит“ од 70-ите се тркала низ хаотичнот сообраќај во Техеран. САД станаа озогласени како „Големата сатана“ по исламската револуција во 1979 година, и стиховите „Смрт за Америка“ се уште се пеат на петочните молитви на универзитетот во Техеран. А ниту иранското раководство не може да остане рамнодушно на вкусовите на Кока Кола и Пепси. И двете икони меѓу американски безалкохолни пијалоци опстојуваат со години на еден од најголемите потрошувачки пазари на Блискиот Исток со 75 милиони луѓе. Санкциите на американската централна банка кон Иран, оставаат некаков слободен простор за храната и пијачките, дозволувајќи им на Кока Кола и на Пепси да работат преку неамерикански добавувачи кои го превезуваат нивниот сируп кон ирански полнилници и дистрибутери. Тоа создава и судир со тврдолинијашите кои ја подржуваат популарноста на Кока Кола и Пепси по цена на локалниот ривал Замзам кола, именуван според светиот извор во исламскиот свет град Мека. Замзам е во сопственост на фондација основана од владата. Сепак, во војната на „колите“, Иран води силна битка. Минатата година, американските компании извезоа производи во вредност од 229 милиони долари во Иран, без блокада од санкциите, велат од владата на САД и според независните бројки објавени од Американскиот институт за мир. Оваа листа е еклектична колку што е тоа можно: замрзнато семе од биволи, вештачки заби, мастики за џвакање, забочепкалки и антибиотици. На врвот на извозот на САД во Иран минатата година беше путер вреден повеќе од 11,2 милиони долари.

Њуз Сентинел – Форт Вејн (Индијана)