НБРМ: Извозниот сектор главен двигател на растот

24

uvoz izvoz
Како главен двигател на растот останува извозниот сектор, што во најголема мера е одраз на искористеноста на новите извозни капацитети, беше еден од заклучоците на првата седница на Советот на Народна банка на Македонија.

“Во општи рамки, инвестициската активност даде силен импулс, а приватната потрошувачка продолжи да расте поддржана од растот на расположивиот доход, надополнет со зголемените кредитни текови од домашните банки распределени кај секторот население. Структурата на растот во третиот квартал е поповолна, со поголем придонес на инвестициската за сметка на приватната потрошувачка“, се наведува во соопштението на НБРМ.

Во рамки на надворешниот сектор, во третиот квартал од 2014 година тековната и капиталната сметка забележаа суфицит од 120,4 милиони евра, или 1,4% од БДП, што е нешто подобра позиција на тековната сметка во однос на очекувањата, при подобро трговско салдо. Задолжувањето на државата на меѓународниот пазар беше главниот извор на девизните приливи, при што поволните услови беа искористени за обезбедување предвремено финансирање на идните буџетски потреби. Согласно со последните расположливи податоци за четвртиот квартал на 2014 година, девизните резерви беа речиси непроменети на квартална основа, а нивната динамика беше нешто поповолна од предвидената во рамки на октомвриската проекција.

Во текот на последниот квартал, кредитната активност продолжи да се зголемува, при што придонесот на кредитирањето на корпоративниот сектор за вкупното кредитирање се зголеми во однос на просечниот придонес во првите три квартали. На крајот на декември, вкупните кредити беа повисоки на годишна основа за 10%, при што прирастот на кредитите во 2014 година беше поголем во однос на истиот во претходната година за 1,6 пати.

Последните остварувања, како што се наведува, укажуваат на натамошно одржување на девизните резерви на соодветно ниво, намалени инфлациски притисоци и зајакната кредитна поддршка на економскиот раст од страна на банкарскиот сектор. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените на надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.

Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народната банка на Република Македонија. Меѓу другото, оваа одлука претставува техничко усогласување поради членството на Литванија во Европската монетарна унија, започнувајќи од 1 јануари 2015 година. Бидејќи домашната валута, литванскиот литас, се замени со еврото, се наметна потребата литванскиот литас да се изземе од официјалната курсна листа на Народната банка на Република Македонија.

На седницата, Советот на Народната банка го разгледа најновиот Квартален извештај, при што беше констатирано дека каматната стапка на аукциите на благајничките записи е задржана на 3,25%. Одлуката основната каматна стапка да не се промени беше заснована врз последното преоценување на макроекономските проекции на НБРМ од октомври и на остварувањата кај клучните макроекономски и финансиски показатели, кои потврдија постоење амбиент на солиден домашен економски раст, кој што не создава нерамнотежи преку инфлациски притисоци или притисоци за намалување на девизните резерви.