Витаминка стана спонзор на клубот Вардар

71

vitaminka

Најдобрите во друштво на најдобрите е мотото со кое Витаминка АД Прилеп стана новиот спонзор на клубот Вардар. Оваа компанија ќе ги поддржи фудбалскиот и ракометниот клуб, како и активностите поврзани со ракометната академија и младинските школи на фудбалскиот клуб.

“Компанија како Витаминка секогаш ги поддржува вистинските вредности во Македонија. И досега бевме активни во спонзорирањето на спортски клубови од различни спортови, а овој пат се одлучивме за Вардар бидејќи спојката е природна – најдобрите секогаш одат заедно. Кога гледате како некој клуб оди напред, се вложува во него, знаете дека вложувате во вистинска вредност. Вардар покажа како се оди напред, како се  трасира патот на успехот, исто како што и Витаминка се движи по патот на успехот во својот сегмент. Сигурни сме дека во иднина, заеднички ќе прославуваме многу нови успеси“, изјави комерцијалниот директор на компанијата, Владимир Трпаноски.

За клубот Вардар ова спонзорство значи чекор напред во овозможувањето на реализација на проектите во клубот што ја опфаќаат и најмладата популација.

“Семејството на поддржувачи и пријатели на Вардар постојано расте. Среќни сме што можеме да и посакаме добредојде и на Витаминка. Изреката дека ’најдобрите се во друштво на најдобрите’ и вистински може да биде реализирана. РК Вардар како спортски бренд, веќе е познат во целата држава. Посакуваме и се обидуваме да ги имаме во својот тим најдобрите, од оние што се на терен, до оние што на кој било начин го поддржуваат клубот. Сигурни сме дека и нашиот нов партнер, чие лого ќе биде на дресовите на двата ракометни клуба го препозна квалитетот и спортскиот имиџ на Вардар, а на заедничко задоволство верувам дека соработката ќе трае уште многу сезони и ќе се радуваме заедно на многу победи.Уште повеќе што истиот партнер ќе биде дел и од ракометната академија од каде во иднина треба да излезат многу нови ѕвезди“, смета директорот на ракометниот клуб Вардар, Давор Стојаноски.

Партнерството со Витаминка е од исклучително значење и за фудбалскиот клуб, каде покрај поддршката на сениорската постава, се очекува да има ефекти во брзото напредување на младите таленти.

“Ми претставува задоволство да го објавиме новото партнерство со Витаминка и официјално да им посакаме на нашите пријатели добредојде во семејството на Вардар. Менаџментот на клубот подеднакво ангажирано работи во младинските категории, со цел обезбедување на идеални услови за развој на младите фудбалери. Вардар со своите проекти и вложувања докажува дека верува во младината и има за цел да ја обезбеди својата иднина од домашниот потенцијал. Соработката со Витаминка во ФК се однесува исклучиво за младинските категории, во детските школи, во академијата и регионалните единици ни цела Република Македонија. Дечињата горди на својот дрес ќе го носат најпознатиот производ на брендот Витаминка, Стоби флипс. Соработката е за период од една година, со надеж дека ќе продолжи и потоа“, потенцира извршниот директор на ФК Вардар, Самоил Симев.

Од вчера дресот на Вардар на себе го има и логото на Витаминка и нејзините брендови. Партнерството се официјализираше со предавање на дресот со нов изглед на комерцијалниот директор на Витаминка.