Македонски старт – ап фирми по тримесечната обука организирана од македонско – американската компанија New man’s business accelerator, ги презентираат своите идеи и производи пред потенцијални меѓународни и домашни инвеститори, пишува Миа.
Станува збор за девет тимови од Македонија, еден од Хрватска и пет од Словенија, кои се претставуваат пред фондови од Велика Британија и Словенија, како и пред македонски успешни претприемачи кои се заинтересирани да видат што е она што младите нови претприемачи го подготвуваат.
“По тримесечната интензивна претприемачка програма на која учествуваа нашите старт – ап тимови денеска сме на првиот demo day, на кој ќе ги претстават своите идеи и производи пред потенцијалните домашни и странски инвестоитори. Станува збор за претприемачка програма која ги таргетира младите луѓе кои имаат иновативни идеи, но им треба поддршка во делот на едукација како да ја развијат и тестираат идејата на пазарот и дали воопшто треба да се развива и реализира и како да ја донесат својата компанија, тим и производ до момент кога ќе бидат спремни да примат инвестиција. Целиот процес трае осум месеци со намера во следните сезони да се скратува“, изјави Ирена Чаушевска, генералниот менаџер на New man’s business accelerator, првиот бизнис акцелератор во Македонија.
Таа посочи дека најголемиот дел од старт – ап бизнисите се во областа на информатичката технологија, потоа следат креативните индустрии, паметни уреди и паметно користење на обновливи извори на енергија.
“Засега се неопходни осум месеци обука, бидејќи претприемачката сцена во Македонија е во самиот зачеток. За овие три месеци има одличен напредок кај сите тимови и затоа ја организираме денешната средба. Целта е да може да се дојде до инвестирање на старт – ап компаниите од страна на странските инвестиори, а уште подобро би било доколку бидат поддржани и од македонски инвестотори, бидејќи на тој начин проектот има повеќе шанси за успех“, потенцира Чаушевска.
Заменик – министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, истакна дека Владата е партнер на бизнис акцелераторот уште од првиот ден на основањето и го помага на секој можен начин. Таа нагласи дека сепак е многу подобро кога инвестициите ќе дојдат од самите претприемачи, од странски и домашни инвестициски фондови и од домашни компании.
“Затоа би сакале да ги поканиме инвеститорите кои се денеска присутни да се уверат во креативните идеи и одличните производи на компаниите кои денеска ќе се презентираат и со нивна помош, менторстово, знаење и искуство во водење на бизнис да придонесат еден ден да го комерцијализираат својот производ и да станат успешни компании“, прецизира Арсовска Томовска.
Татјана Забасу од РСГ Капитал, фирма од Љубљана за управување со финасиски капитал посочи дека досега инвестирале во Словенија и некои делови од Хрватска, а сега се во процес на зголемување на инвестициите во Македонија и некои други балкански земји.
“Сметаме дека во Македонија има добра старт – ап заедница. Тука сум за да видам што имаат старт – ап компаниите од Бизнис акцелераторот да презентираат“, рече Забасу.