Во Градскиот трговски центар во Скопје денеска се отвори новиот продажен салон на Дуна за производите Епл. Новиот салон на Дуна – иСторе е сместен во приземјето на ГТЦ, кое се смета за едно од најпопуларните места за купување во Скопје.
На отворањето на новата продавница присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Според него, во Дуна иСторе се нудат производи од последниот збор на технологијата и новиот салон е потврда дека Македонија има развиено информатичко општество.
„Побарувачката на граѓаните е еден од реперите коишто Епл или која било друга компанија го имаат предвид пред да донесат одлука за дистрибуирање производи“, посочи Ивановски.
На денот на отворањето, Дуна понуди 10% попуст за сите производи што можат да се купат во продажниот салон. Воедно, Дуна обезбеди 50% попуст на првите 10 продадени ајпад модели со 16 гигабајти флеш-меморија и безжична поврзливост.
На површина од 85 квадратни метри, посетителите имаат можност да погледнат и да тестираат голем број производи на Епл, вклучувајќи ги најновите модели на компјутерите Мекинтош – ајпод, ајпад и ајфон. Во богатата понуда на иСторе има и голем број додатоци, кои совршено им прилегаат на производите на Епл, како што се светски познатите брендови Белкин, Сеннхеисер, АКГ, ЈБЛ, Харман Кардон и многу други. Обучениот персонал ќе им понуди на посетителите извонредно искуство, бесплатни совети за користење, демонстрација на производите и техничка поддршка.
По речиси 6 години откако прв пат го претстави Епл во Македонија. Дуна повторно вложува во креирање уникатно доживување при посета на продажен салон за Епл. Новиот салон е целосно изработен по дизајн на Епл и обезбедува потполно еднакво искуство како и секој Епл Премиум Реселлер низ светот. Дуна е единствен овластен увозник, дистрибутер и сервисен центар за Епл за Македонија.