Сопственикот на Агрокор, семејството Лукшиќ и првиот човек на Атлантик Група, Емил Тедески, се најбогати во Хрватска во 2014 година според магазинот Forbes, пишува Јутарњи лист.
Во земјата, како што се наведува, има тројца милијардери и 101 милионер, по што 10-те најголеми акционери на компании што котираат на берза, располагаат со 92% од капиталот.
Прв на листата, и далеку пред сите, е сопственикот на Агрокор, Ивица Тодориќ, со богатство од околу 442 милиони евра (3,379 милијарди куни). Но, треба да се земе во предвид дека во пресметката не влегува трговскиот ланец Конзум, што не котира на берза.
Зад него се најде семејството Лукшиќ со богатство проценето на над 280 милиони евра (2,142 милијарди куни).
На трето место е сопственикот на Атлантик група, Емил Тедески, кој располага со богатство од 200,5 милиони евра (1,533 милијарди куни).
Нови на хрватската листа на богаташи, според магазинот, се адвокатот Тин Долички на 18-тото место, Сања Палиќ на 28-ма позиција, Ратко Бајакиќ на 54-то место, како и Ивица Церовечки, сопственик на компанијата Котка, кој е 90-от најбогат во Хрватска.
Во Загреб е најголема концентрацијата на богаташи, дури 45, а вкупната нето вредност на нивното богатство е 7,960 милијарди куни или 1.041.086.423 евра.