За многумина Zara е омиленото место за шопинг. Брендот е познат низ целиот свет, а купувањето во прекрасно уредените бутици е вистинско задоволство.
Познатиот шпански бренд за облека и модни додатоци е основан во 1975 од страна на Амансио Ортега и Росалиа Мера.
Ортега е најбогатиот човек во Шпанија. Во март 2014 Forbes го рангираше на трето место на својата листа, со вредност од 64 милијарди долари. Тој никогаш нема дадено јавно интервју, а и покрај тоа што поседува модна империја најчесто носи само фармерки и маичка со кратки ракави.
Името првично не било Zara, туку Zorba, но поради одредени технички причини истото било сменето.
Шпанија е единствената земја каде Zara се изговара Тара.
Групацијата Inditex, од која брендот е составен дел, ги вклучува и Zara Home, Pull&Bear, Massimo Dutti, Bershka, Stradivarius, Oysho и Uterqüe.
Со минимална раклама Zara прерасна во бренд вреден милијарди. Компанијата не троши скоро ништо на рекламирање, а наместо тоа одвојува процент од своето богатство за да инвестира во отворање на нови продавници, кои важат за едни од најдобро уредените во модниот свет и пошироко.
Првиот онлајн бутик на Zara започна со работа во септември 2010 година. Веб страната ги услужува своите клиенти во Шпанија, Англија, Португалија, Италија, Германија и Франција.
На брендот му требаат само две недели за да произведе нов производ и да го пласира на пазарот, споредено со просечните шест месеци кои се потребни за целиот тој процес во оваа индустрија.
Годишно Zara пушта во продажба околу 10.000 нови дизајни. Успехот на брендот во голема мера се должи на тоа што ги произведува своите парчиња онаму каде што ги продава.
Дизајните на колекциите се осмислени од креативни тимови, а не од група дизајнери.
Во бутиците се носат нови колекции два пати неделно и поради тоа што нема многу парчиња од еден производ, истите изгледаат ексклузивно.
Скоро секоја колекција на Zara се распродава. Компанијата стратешки ги отвора своите продавници во многу раздвижени места каде луѓето имаат смисла за стил и подлабок џеб.
Брендот подеднакво е прифатен и од познатите луѓе од модниот свет, но и од широките народни маси. Војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон често пати ги носи моделите на Zara. Таа е пример како еден обичен фустан од 50 евра може да изгледа кралски.
Фото: Facebook