Од 30-ти јуни поевтин роаминг со Србија, Црна Гора и БиХ

33

mobilen i raka

Од 30 јуни се намалуваат цените на роаминг услугите со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Минута разговор ќе чини 17,9 денари, СМС порака ќе се испраќа за 5,6 денари, а 1 МБ интернет ќе чини 43,2 денари, пишува Миа.

Намалените цени на роаминг услугите со овие три држави следуваат по потпишаната Спогодба во Будва, а од Агенцијата за електронски комуникации очекуваат наскоро кон оваа спогодба да се приклучи и Албанија, а таа е отворена и за останатите балкански држави.

“Договорот е отворен за сите држави кои сакаат да се приклучат кон него. Сакам да нагласам дека во Будва кога беше потпишан меѓународниот договор и Република Албанија беше во оваа иницијатива, но поради нивната сложена процедура таа се одложи малку, така што наскоро очекуваме и таа да се приклучи кон овој договор. Ги повикувам и останатите балкански држави од регионот да се приклучат и граѓаните патувајќи низ државите да користат многу пониски цени од сегашните“, рече директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски.

Интернетот е намален за скоро 90%, односно од сегашните 370,2 денари, сега 1 МБ интернет ќе чини 43,2 денари.

Предвидено е скалесто намалување на цените на роаминг услугите, така што тие ќе бидат драстично намалени до јули 2017 година. Тогаш цената за минута разговор ќе чини 11,7 денари, СМС пораката ќе се намали до 3,7 денари, а интернетот до 12,3 денари за 1 МБ.