Директорката на Публицис груп одликувана со Орден на уметности и книжевност на Франција

86

saska 6

Директорката на маркетинг агенцијата Публицис груп, Александра Дилевска Симова е одликувана со престижниот орден “Витез од Редот на уметности и книжевност“ (Chevalier des Arts et Lettres) заради нејзините достигнувања во промоцијата на креативноста во бизнисот во Македонија, промоција на македонската креативност надвор од земјата и поддршка на промоцијата на француската култура во Македонија. Одликувањето, што го доделува француското Министерство за култура и комуникации, спаѓа во четирите најважни одликувања во Франција.

“Во животот работите и творите и се обидувате да го направите тоа на најдобар можен начин, и не секогаш очекувате награда или признание. Сепак, кога ќе пристигне вакво одликување чувството е исклучително. Сметам дека наградите не се толку за тоа што сте го направиле, туку за она што допрва можете и треба да го направите“, изјави Дилевска.

“Француската Влада сака да ѝ оддаде признание на Дилевска, посебно во областа на уметноста, комуникациите, развивањето на креативни идеи, за додавањето вредност во бизнисот и пошироко во зедницата, во Македонија. Таа навистина има неверојатна кариера и со ова одликување Франција сака да ѝ покаже колку ја почитува нејзината работа и придонесот во промоцијата на француската култура“, изјави Амбасадорот на Франција во Македонија, Лоренс Оер.

Се доделува на личности кои со своето дејствување влијаат на промените во својата сфера, кои поддржуваат развој на најразлични таленти, и поставуваат највисоки стандарди во комуникациските и креативните вештини.

Александра Дилевска Симова, покрај раководната улога во Публицис груп Македонија, на чие чело е веќе 19 години, е член и на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, член на Управниот одбор на Европската Бизнис Асоцијација и член на Ротари клубот. Под нејзино водство, агенцијата Публицис прерасна во најголема комуникациска мрежа во земјата во изминатите години.

Одликувањето Витез од редот на уметности и книжевност се доделува од 1957 година и е една од најпрестижните одликувања во оваа сфера. Одликувањето се доделува секоја година и го добиваат заслужни професионалци во Франција и исклучителни личности надвор од Франција. Во минатото, одликувањето се доделувало само на француски државјани, а во поново време членови на Редот на уметноста можат да бидат и странски државјани, а некои од нив се и Кејт Бланшет, Џорџ Клуни, Шакира, Роберт Редфорд, Пол Остер и други.

На церемонијата на доделување на орденот Витез во резиденцијата на француската амбасадорка беа присутни претставници од Француската амбасада, многу соработници, колеги и пријатели на Дилевска, како и претставници од бизнис заедницата.