Францускиот производител на автомобили Peugeot претпремиерно го претстави својот концепт на подвижен ресторан, пишува Caradvice.au.
Кога таканаречениот Food track е паркиран, и приколката и камионот може да се трансформираат во мобилен ресторан, кој компанијата го нарече Le Bistrot du Lion. Зад дизајнот на ова возило стои Peugeot design lab, студио за глобален дизајн на Peugeot. На 14-ти овој месец, овој концепт ќе биде претставен на Миланската недела на дизајнот, по што ќе биде дел од францускиот штанд на Светската изложба во Милано.
Foodtruck Peugeot има посебен простор за подготовка на храна, за послужување на гостите, простор за пијалоците, како и посебен простор наменет за музика, што е дел од дигиталната платформа Peugeot music, што нуди интернет радио и ексклузивни листи на песни. Во овој подвижен ресторан се сместени сите потребни елементи за да може удобно да се сместат повеќе од 30 гости.
За да биде целосно функционален овој концепт, Peugeot design lab соработуваше со Euromag, компанија специјализирана за подвижни ресторани. Вградените елементи за подготовка на храна во целост ги задоволуваат сите потребни стандарди.
Вградени се четири скари, индукциска плоча и една фритеза. Вентилацискиот систем обезбедува квалитет на воздухот, додека разладниот простор во долниот дел на камионот од 400 литри гарантира потполна свежина на храната.