Ре – Медика прославува 10-годишен јубилеј

147

remedika 10 godini

Првата приватна општа болница Ре – Медика го прославува својот 10-годишен јубилеј, пишува Макфакс.

“Првата приватна општа болница Ре – Медика, пред точно десет години, ја отвори вратата за добро здравје, со главна мисија да испорачува квалитетни здравствени услуги, не само за граѓаните на нашата држава, туку и пошироко. Многу вложен труд, многу успешни приказни… Бројката од повеќе од 120.000 пациенти е само потврда за довербата која тие ни ја дадоа при нивниот избор за најважното во животот – здравјето. Секојдневните анкетни листови кои ги пополнуваат нашите пациенти, грижливо прочитани и анализирани, ни ја посочија и максимата која е слоган за нашата роденденска прослава: ‘За Ре – Медика, прашај пријател’. Цениме дека оваа порака ни ја подарија нашите пациенти, што нам ни покажува дека сме препознаени, потврдени, препорачани. Задоволството на пациентите е нашата најголема награда, што ни дава елан да се насочиме кон идните успеси“, рече Елица Јорданова, директорка на болницата.

За една деценија постоење во болницата се родени 6.000 бебиња, направени се 370.974 амбулантски прегледи, 12.938 гинеколошки интервенции, 11.904 хируршки интервенции. Во овој период се направени 17.423 рентген снимања и 8.285 снимања со компјутерски томограф.

“Целта ни е да ги следиме и етаблираме сите нови методи кои донесуваат прогрес во решавањето на проблемите со кои секојдневно се соочуваат сите граѓани кои имаат потреба од медицинска, здравствена услуга. Доследно ги следиме сите нивни потреби, напредувајќи и имплементирајќи современи методи, работејќи со високософистицирана опрема и секако најважното, медицинскиот специјализиран кадар кој е високо професионален. Кај нас индивидуален е пристапот, негата и лекувањето кон секој пациент. Сето ова нè прави посветени, квалитетни и професионални и ни овозможува да продолжиме да чекориме по вистинска патека, за добро здравје“, вели проф. д-р Андреја Арсовски, медицински директор на болницата.

Вработените во болницата, традиционално по повод роденденот на болницата, во духот на хуманоста, даруваат крв. Kрводарителската акција се случува во просториите на Ре – Медика во соработка со Црвен крст на град Скопје/Црвен крст Газа Баба и Институтот за трансфузиона медицина.