Вип: Финансиски резултати за сегментот Македонија за првите три месеци од 2015

43

vip

Телеком Австрија Групацијата ги објави финансиските резултати за првиот квартал од 2015 година каде се вклучени резултатите и од работењето на македонските компании.

Интензивната конкуренција и ниските цени резултираа со намалување на профитот на Вип и намалување на базата на мобилни претплатници до 616.000 корисници. Пазарниот удел на Вип остана на истото ниво од 28,4% што укажува на севкупното намалување на бројот на корисници на мобилна телефонија во Република Македонија. По аквизицијата на Близу, Телеком Австрија Групацијата во Македонија има околу 76.000 фиксни пристапни линии за првите три месеци од 2015 година.

Приходите во Македонија, кои ги вклучуваат и резултатите од работењето на Близу, изнесуваат 16 милиони евра во првиот квартал од 2015 година, додека заработката пред камати, даноци, депрецијација и амортизација (ЕБИТДА) достигна 3,4 милиони евра. Оперативните трошоци за првиот квартал од оваа година се зголемија за 15% споредено со истиот период минатата година. Профитот падна до 170.000 евра во негатива.

Како резултат на аквизицијата на Близу Македонија од страна на Телеком Австрија Групацијата, која беше затворена на 30 јули 2014 година, во првиот квартал од оваа година, Вип започна да нуди пакетирани фиксни и мобилни услуги со воведувањето на продуктот Вип Комбо. Исто така, Телеком Австрија Групацијата и Телеком Словеније Груп се договорија да ги спојат нивните подружници Вип оператор и Оне во октомври 2014 година. Телеком Австрија Групацијата ќе има 55% удел и целосна контрола во новосоздадениот ентитет, а Телеком Словеније Груп ќе има удел од 45%. Договорот предвидува опција за излегување на Телеком Словеније Груп во рок од три години од датумот на затворањето на трансакцијата. Трансакцијата е предмет на одобрување од страна на Комисијата за заштита на конкуренција на РМ, што се очекува во 2015 година.