Промовирана Асоцијацијата на жени претприемачи

87

business-womanВо просториите на Стопанската комора на Македонија вчера беше промовирана Асоцијацијата на македонските жени – претприемачи Жени бизнис-лидери, чија цел е поттикнување на женското претприемништво во Македонија.

Асоцијацијата брои 45 члена а постои од крајот на минатата година.

“Ова здружение има за цел да направи добра мрежа меѓу македонските жени бизнис лидери. Тоа не е класично здружение на жени, туку на успешни жени претприемачи”, рече Снежана Јовановска Трајковска, претседател на Асоцијацијата и сопственик на туристичката агенција Орфеј на прес-конференцијата.

Таа истакна и дека идејата е да се охрабрат жените претприемачи да ги споделат своите искуства во надминувањето на бариерите во општеството. Целта ни е да се охрабрат жените за да се насочат кон позитивните примери и на тој начин да се изградат и зајакнат капацитетите на женското лидерство во Македонија.

Мирјана Марковска од адвокатската канцеларија Марковски и Андреевски, член на Управниот одбор, потенцираше дека во Македонија има жени претприемачи, но додаде дека се уште има многу простор за борба и активности за да се зголеми бројот на жени кои носат одлуки, како и да се подобри положбата на жените претприемачи во компаниската хиерархија.

“Идејата ни е да ги изградиме и зајакнеме капацитетите на женското лидерство во Македонија, бидејќи сметаме дека има многу простор за поголема активност на жените претприемачи. Апелирам до мажите да ги поддржат жените претриемачи и да го подобрат женското лидерство”, рече Марковска.

Марковска додаде дека има регулатива која го нормира присуството  на жените во управните одбори и на одлучувачките позиции во компаниите, а кај нас има само за присуство на жените во политиката.

Билјана Радоњанин од Ексивизит, член на Управниот одбор, посочи дека Асоцијацијата е отворена за нови членови и ги повика жените да се придружат