УСАИД поттикнува бизнис средби меѓу македонски микро и мали претпријатија

42

3

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (ЦЕЕД) Македонија, денеска беше домаќин на средба меѓу компании од Скопски, Вардарски, Полошки, Југоисточен, Источен, Североисточен и Југозападен регион во просториите на ЦЕЕД Македонија.

Господинот Мајкл Стивејтер, директор на канцеларијата за развој на УСАИД, им се обрати на присутните: “Денеска се сретнавте со претприемачи од повеќе делови од земјата, разменивте искуства и идеи, сретнавте потенцијални соработници. Можеби едни со други се гледате како конкуренција, но кога работите заедно, можете да дојдете до поголеми и пошироки пазари. Вмрежувањето е важно за бизнисот, особено за микро и мали компании како вашите.”

Нетворкинг настаните се една од главните активности на Проектот за зголемување на продажбата меѓу претприемачите од различни делови на Македонија. На вакви средби, учесниците создаваат нови релации и партнерства.

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, во вредност од 1,9 милиони долари е петгодишен проект за поддршка на микро и мали бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд. Откако започна со работа во јули 2011 година, проектот се спроведува во Скопскиот, Полошкиот, Вардарскиот и Југоисточниот регион. Со поддршка на Владата на Швајцарија, од оваа година проектот е проширен и во Североисточен, Југозападен, Источен и Пелагониски регион.

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија е имплементиран од ЦЕЕД Македонија, кој е една од институциите во наследство на УСАИД.