Светски познатиот научник и професор по кибернетика, д-р Кевин Ворик, од денеска е почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causae) на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Звањето почесен доктор, Ворик го добива по повод одбележување на Денот на македонските просветители, Светите Кирил и Методиј (24 мај).
„Кибернетиката е наука за хармоничноста во работата меѓу луѓето и технологијата и самиот факт што ова се смета за многу важно тука, значи дека Универзитетот и градот Скопје заземаат многу важно место во моето срце, а сигурен сум дека и во вашите. Истражувањата понекогаш носат подеми, но понекогаш и падови. Важно е да се учи од грешките, бидејќи само на тој начин може повеќе да се ужива во успехот“, рече професор Ворик во своето обраќање по прогласувањето за почесен доктор на науки.
Професор Ворик за избор во почесен доктор е предложен од наставно-научниот совет на Факулетот за електротехника и информациски технологии од Скопје.
Професор Ворик двапати се здобива со докторат од повисок ранг (DSc) од Универзитетот Имперајален Колеџ во Лондон и од Академијата на науки (Институт по техничка кибернетика) во Прага, Чешка. Во Велика Британија трипати е награден со звањето почесен доктор на науки од Универзитите Брадфорд, Ковентри и Астон.
Доктор Ворик е добитник на престижното признание Ellison-Cliffe Medal на Кралското друштво по медицина во Лондон, престижното признание Mountbatten Medal од име на Институтцијата по инженерество и технологија и Кралската академија на инжинерските науки во Лондон (The IET and the Royal Academy of Engineering). Во 2004 година е награден со признанието The Future of Health Technology Award од Институтот по технологија од Масачусетс, САД, а истата година го добива и британското признание The IEE Achievement Medal од Институцијата по инженерство и технологија. Во 2005 година е избран за Почесен член на Академијата на науки на Санкт Петерсбург, Русија, а награден е и со признанието University of Malta Medal од Институтот Edward De Bono.