Викендов се одржа финалето на шестото издание на семинарот и натпреварот за роботика RoboMac 2015. Покрај компетитивниот, настанот има и едукативен карактер. Неколкудневните предавања ги одржаа професори од Универзитетот Свети Кирил и Методиј, студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, компании и за прв пат годинава, на големо задоволство на организаторите, беше присутен и гостин од Хрватска, доц. д-р Андреа Китанов.
Интеракцијата меѓу предавачите и учесниците од разните факултети е една од особините со кои се карактеризира RoboMac.
„ФЕИТ е благодарен на студентите од студентскиот огранок на македонската секција на ИЕЕЕ и Студентскиот парламент при ФЕИТ за беспрекорната работа и што повторно и оваа година RoboMac го ставија на картата на најуспешни настани од областа на роботиката во нашата земја. Им посакувам добредојде на 60-те учесници, им упатувам благодарност на 8-те предавачи од УКИМ, ФЕР Загреб и FlyCam“, рече деканот на ФЕИТ, Миле Станковски, на отворањето на RoboMac 2015.
Организаторите се надеваат дека овој настан ќе доживее 10-ти, дури и 20-ти јубилеј и дека секоја година помладите генерации ќе имаат поттик да ја продолжат оваа традиција.
„Како организациски тим, многу сме горди и задоволни што RoboMac, од година в година, успева да напредува како настан и да се етаблира меѓу студентите како место каде учењето, практичната работа и дружењето се подеднакво важни!“, изјави Георге Костов, член на организацискиот тим на RoboMac.
Во изминатава седмица учесниците вложија голем труд во креирање на своите дела. Оваа година се натпреваруваа во шест категории: Хуманоид, Сумo, Роботска рака, Трка, Right Target и новитетот за оваа година Artificial Intelligence and Raspberry PI.
„Мислам дека роботиката има огромен потеницијал кој може да се искористи. Сè уште е млада наука на овие простори, но тоа ќе се промени во наредните години. Роботите, во зависност од тоа за што се направени, имаат различни намени. Може да извршуваат многу сложени и прецизни движења, не се подложни на умор, можат да работат во многу екстремни услови непогодни за луѓето. Може да служат само за забава, но и за многу практични работи во најразлични области, како што се индустријата и медицината“, изјави Мино Тодоров, победник во категоријата Роботска рака.
RoboMac е меѓународeн натпревар за роботика и вештачка интелигенција, организиран од страна на IEEE студентската филијала на Македонија и Студентскиот парламент при Факултетот за електротехника и информациски технологии.