Welrn работи на развивање на онлајн платформа за изучување на практични вештини преку кратки онлајн курсеви. За разлика од останатите платформи за онлајн изучување, welrn.com ќе се фокусира на две работи: понуда на кратки (strictly to the point) курсеви што лесно би се вклопиле во распоредите на студентите и поголема ангажираност на студентите и инструкторите преку користење на gamification методи.
“Секој со практично знаење во областа на маркетинг, претприемништво, технологии, дизајн и слично, ќе може да креира курс за помалку од 20 минути. Корисниците преку месечно членство ќе бидат во можност да ги посетуваат онлајн курсевите, при што поголемиот дел од продажбата ќе биде наменет за инструкторите”, вели вели Петар Ниновски, извршен директор и основач на Welrn и додава дека на почетокот ќе се фокусираат на европскиот пазар.
“Главни корисници очекуваме да ни бидат возрасни, вработени луѓе, со релативно зафатени распореди кои бараат да стекнат нови технички или деловни вештини со цел унапредување на нивните кариери”, вели Ниновски.
Welrn е втора инвестиција на ЦЕЕД Клубот на бизнис ангели, која овој македонски старт-ап понатаму ќе ја искористи за забрзување на процесот на развивање на платформата, а истата се очекува да се лансира кон средината на октомври 2015.
Идејата пред бизнис ангелите беше презентирана на pitching што беше одржан во ноември 2014 година.
CEED Macedonia Business Angels Club (CEED BA Club) е формиран како подклуб на членовите на CEED Business and Learning Club – Gold, во ноември 2013 година и е меѓу првите клубови од ваков вид во Македонија. Во клубот моментално членуваат 16 претприемачи кои се подготвени да инвестираат во бизнис идеи или во постоечки бизниси, доколку идентификуваат потенцијал за раст, иновации и слично. Првите бизнис идеи пред членовите на клубот беа презентирани на 2 април 2014 година. По едногодишното постоење на ЦЕЕД Клубот на бизнис ангели, во месец декември 2014 година беше направена првата инвестиција.