Телеком Австрија Групација: Македонската КЗК го одобри спојувањето на Вип оператор и ОНЕ

51

mob

Телеком Австрија Групација објави вчера дека Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Македонија го одобри спојувањето на македонската подружница на Телеком Австрија Групацијата, Вип оператор со подружницата на Телеком Словеније, ОНЕ. Согласноста е издадена врз основа на одредени обврски, меѓу другото и за обезбедување на услуги на нови виртуелни мрежни оператори од страна на новоформираниот субјект. Затворањето на трансакцијата се очекува во четвртиот квартал од 2015 година.

Телеком Австрија и Телеком Словеније се убедени дека предложените обврски  обезбедуваат добра основа за успешен влез на пазарот на нови учесници кои ќе бидат во можност да комбинираат мобилни и ТВ понуди за да се создадат конвергентни пакети. Со тоа ќе се овозможи конкуренција во поглед на цената и производите на сите засегнати пазари. Покрај тоа, споениот субјект one.Vip ќе прерасне во компанија со доволен обем и капацитет за подобро да инвестира и да се натпреварува во поглед на цена, квалитет и иновации.

Ова ќе овозможи најдобри искуства за потрошувачите и бизнисите. Според тоа, ние силно веруваме дека спојувањето ќе биде од корист и за конкуренцијата и за македонските корисници и ќе го промовира one.Vip како доверлив партнер на македонската економија и општество, стои во соопштението на групацијата.

На 22 октомври 2014 година, Телеком Австрија Групацијата објави дека е постигнат договор со Телеком Словеније Груп да се спојат нивните подружници Вип оператор и ОНЕ кои работат во Република Македонија. Телеком Австрија Групацијата ќе поседува 55% и ќе има целосна контрола врз новосоздадената компанија, додека Телеком Словеније Груп ќе поседува 45% од сопственоста. Покрај тоа, договорот вклучува и опции за излез на Телеком Словеније Груп од заедничката инвестиција во рок од три години од завршувањето на спојувањето.

ОНЕ е трет по големина мобилен оператор во Република Македонија со удел на пазарот на мобилна телефонија од 25,4% во четвртиот квартал од 2014 година (процена на Телеком Австрија Групацијата) и вкупна база од околу 715.000 корисници заклучно со 31 декември 2014 година. Во 2014 година, ОНЕ оствари приходи од приближно 75,7 милиони евра и ЕБИТДА од приближно 10,6 милиони евра.