Јавен повик за ИПАРД кон крајот на јули

21

Кон крајот на овој месец ќе биде објавен уште еден јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од ИПАРД Програма за периодот 2007-2013 година.

Повикот, како што информира Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ќе трае најмалку 45 дена, а ќе се однесува на мерките 101, 103 и 302 – за инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за постигнување на европските стандарди, за инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибни производи со нивно преструктуирање и надградба, како и за диверзификација и развој на руралните економски активности.

“Претстојниот јавен повик ќе ги зголеми можностите по однос на типот инвестиции, обемот на потенцијалните корисници, набавката на различна земјоделска механизација вклучувајќи и трактори, како и финансиските лимити за крајните корисници на финансиската поддршка“, се вели во соопштението на Агенцијата.

Правилата за користење на финансиските средства налагаат претходно склучување договор на потенцијалните корисници со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и реализација на одобрената инвестиција согласно претходно договорените услови. Контрола на самото место и спроведувањето на надзорот над договорот извршуваат овластени лица од Агенцијата за финансиска поддршка и релевантни институции за управување, спроведување и контрола на ИПАРД и ЕУ.