Општина Аеродром и ССК – деловен клуб за економски развој и социјален напредок

54

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Општина Аеродром ја официјализираа соработката со меморандум, потпишан од страна на претседателот на ССК, Данела Арсовска и градоначалникот Ивица Коневски.

Целта на потпишување на меморандумот значи партнерство кое треба да овозможи ефективна соработка помеѓу општината и бизнис заедницата, со цел забрзување на економскиот развој и создавање поволни услови за водење бизнис и инвестирање. Со меморандумот за соработка општината и бизнис заедницата формираат Деловен клуб составен од компании членови на ССК кои делуваат на ниво на општината од различни дејности и претставници на менаџментот на Општината Аеродром.

Компаниите кои делуваат на ниво на општината заеднички здружени и преку комората, а сега и преку општинскиот Деловниот клуб ќе имаат можност навремено да ги следат и детектираат предизвиците во општината со цел подобрување на деловното опкружување. Покрај овие компании, постои отворена можност да се приклучат и останати компании, комори и организации.

Со потпишување на меморандумот се интензивира соработката помеѓу локалната самоуправа и бизнис секторот, допоплнително и преку формирање Деловен клуб составен од претставници на компании од различни дејности. Преку овој клуб ќе се воспостави, поттикне и развива дијалогот на локално ниво меѓу јавниот и приватниот сектор и ќе се зајакнат врските меѓу потребите на пазарот на труд и вештините што се развиваат кај младите преку образовниот систем и претприемништвото. Исто така, се очекува и размена на мислења и информации, како и покренување заеднички иницијативи и предлагање мерки за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните во општината.

Со потпишувањето на меморандумот продолжува и се интензивира одличната соработка којашто постои помеѓу општината и комората.