Храна подарена од срце – донации на Жито Лукс за социјални и ранливи групи граѓани

54

zito luks

„Храна подарена од срце“ е уште една демонстрација на својата грижа за заедницата спроведена од страна на најголемиот производител на леб, Жито Лукс. Кампањата е специјално создадена и наменета за помош на установи каде се згрижени деца или граѓани од социјално ранливи категории.

Една од овие установи е и Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари, кој што во текот на целата година ќе биде снабдуван со свеж леб. За штитениците на центарот, компанијата ќе доставува Грахам леб приготвен од интегрално пченично брашно кој е извор на целулозни влакна и протеини и претставува основа за здрава и избалансирана исхрана.

„Вредноста на кампањата е од непроценливо значење за нас. Компанијата Жито Лукс, со својата едногодишна донација на најдобар можен начин ја демонстрира својата грижа и за децата од улицата. Покривањето на неделните потреби од свеж леб во текот на цела година е добредојдено и стимулативно за целосното функционирање на центарот. Затоа нашата благодарност е голема“, изјави Ирена Велковска од Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари.

Кампањата „Храна подарена од срце“ се одвива во континуитет при што компанијата избира различни институции и установи каде што помошта е најнеопходна. Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари беше избран по иницијатива од Лице в лице, Регионалната платформа за активизам, која економски и социјално ги засилува маргинализираните групи.

Со ваквиот ангажман, Жито Лукс воедно придонесува за подигнување на јавната свест за потребата од вклучување на деловните субјекти во општествено хумани активности.