Meydan One е најновиот проект што е планиран да го краси Дубаи, но и да собори пет светски рекорди. Според изведувачот Meydan, зданието би требало да биде комплетирано до 2020 година.
Компанијата тврди дека ќе го изгради највисокиот видиковец во светот со висина од 655 метри, највисокиот ресторан од 675 метри, најголемата движечка фонтана во висина од 420 метри, најдолгите ски патеки на затворено 1,2 километри и најголемиот станбен комплекс во висина од 711 метри.
Во станбениот простор планирано е да живеат околу 80.000 луѓе, додека целиот проект ќе зафаќа површина од пет милиони метри квадратни или два пати повеќе од Монако.
Во состав на комплексот ќе се наоѓаат и 652 бутици, 300 ресторани и клубови, пишува gizmag.
Освен тоа ќе има и фудбалски терени, велосипедски патеки, BMX парк, Crystal Lagoon парк, пристаниште за 100 јахти, песочна плажа, како и хотел со пет ѕвезди што ќе располага со 350 соби и 885 апартмани.