По што се разликуваат топ менаџерите од просечните?

117

molivi

Фото: Pixabay

Топ менаџерите имаат сосема поинаков однос кон компанијата, работниот простор и управувањето со тимот, од оние коишто се просечни или само добри.

За порталот Inc.com, маркетинг и бизнис експертот Џефри Џејмс ги изнесува своите осум клучни сфаќања за “најдобрите од најдобрите менаџери”, врз основа на разговорите што ги водел со едни од најуспешните менаџери на светските компании.

Бизнисот е екосистем, не е бојно поле

Просечните шефови го разбираат бизнисот како конфликт меѓу компании, оддели и групи. Тие формираат армии од “војници”, конкуренцијата ја гледаат како непријател, а клиентите ги третираат како “територија што треба да биде освоена”.

Добрите шефови го разбираат бизнисот како симбиоза каде напредува и преживува компанијата што најдобро ќе се адаптира. Тие создаваат тимови кои лесно се приспособуваат кон нови пазари и брзо започнуваат соработка со други компании, клиенти, па дури и со конкурентите.

Вработените се еднакви со мене

Обичните шефови гледаат на своите вработени како на свои подредени на кои не можат да им се верува.

Добрите менаџери се однесуваат со секој од вработените како тој да е најважниот човек во фирмата. На овој начин вработените на сите нивоа се чувствуваат важни и си ја вршат работата на најдобар можен начин.

Компанијата е заедница, не е машина

Обичните шефови компанијата ја гледаат како машина, чии механизми – запчаници се вработените. Тие создаваат строги структури со строги правила и цврсто го држат “воланот”.

Добрите менаџери гледаат на компанијата како збир на инвидуални соништа и надежи, собрани со заедничка цел. Тие ги инспирираат вработените да се посветат на успехот.

Менаџментот е услуга, не контрола

Обичните шефови бараат вработените да го прават токму она што им е речено. Тие се плашат од се што потсетува на непослушност и создаваат средина во која индивидуалната иницијатива се сведува на “ајде да почекаме да видиме што ќе каже шефот”.

Вистинските лидери ja поставуваат главната насока, а потоа едноставно им даваат на своите вработени ресурси што им се потребни за да ги завршат обврските. Тие оставаат тимот да си создаде свои правила и се мешаат само кога е потребно.

Мотивацијата доаѓа од визија, не од страв

Обичните шефови стравот го гледаат како основен начин на мотивација на вработените – да не бидат отпуштени, да не ги загубат привилегиите. Но, на овој начин тимот, а и самите шефови се “парализиризаaт” и не можат да донесуваат ризични одлуки.

Добрите шефови ги инспирираат вработените да ја гледаат иднина во која и тие самите учествуваат. На овој начин луѓето од тимот работат напорно, бидејќи веруваат во целите на компанијата, се чувствуваат задоволни и секако, знаат дека ќе им се даде дел од наградата.

Промената води кон успех

Обичните шефови на промената гледаат како на нешто комплицирано и застрашувачки, нешто кон што треба да се прибегнува само во краен случај. Тие ја одложуваат промената додека не стане премногу доцна.

Лидерите гледаат на промената како неизбежен дел од животот. Тие знаат дека успехот е можен само кога вработените и организацијата ќе ги “прифатат” новите начини на водење бизнис.

Технологиите нудат подобрувања, не автоматизација

Обичните шефови се придржуваат кон застарените сфаќања дека технологијата е начин да ја зајакнат контролата. Тие инсталираат системи, кои на крајот не се во корист на вработените.

Добрите менаџери гледаат на технологијата како на начин луѓето да бидат што покреативни и полесно да комуницираат.

Работата треба да носи радост, а не замор

Обичните шефови го делат ставот дека работата е неопходно зло. Тие себе си се гледаат како угнетувачи, а вработените за жртви.

Вистинските лидери размислуваат за работата како за нешто што треба да носи радост. Токму затоа тие сметаат дека мисија на шефот е да ги распределува задачите на вработените така што сите да бидат среќни.