На покана на мрежата на CEED (Центар за развој на претприемачи и менаџери), кон средината на овој месец, глобалниот ментор Џеф Хофман, основач и менаџер на неколку американски компании, одржа предавања во Љубљана, во рамките на конференцијата “Денови на лидерство и претприемништво” и во Приштина, на нетворкинг настанот “Започнување и како да направите пробив”. Тој пред регионалните претприемачи и менаџери зборуваше за тоа што е потребно за пробив на една индивидуа, компанија и општество.
“Новите идеи, позитивни примери и херои се од витално значење во време на криза”, вели Хофман.
Според него, пробивот е можен само кога навистина сакаме да смениме нешто. Сепак, не е доволна само желба, одлична идеја и големи соништа, туку клучот е во нивната реализација, која пак бара напорна работа, посветеност, пожртвуваност, неуспех. Низ успесите и неуспесите, вели Хофман, она што ќе ве води до целта е страста.
“Да ги преживееш сите подеми и падови треба да си опкружен со вистински луѓе, вклучувајќи ги и менторите. Без моите ментори, јас не би бил тука кај што сум денес”, вели Хофман.
А Џеф Хофман денес е успешен претприемач и иноватор на полето на Интернетот, е-трговијата и забавата. Тој ја стартувал својата прва компанија уште додека бил студент на универзитетот во Јеил. Оттогаш Хофман има основано и изградено неколку успешни старт-ап компании коишто ги води во разни превземања и јавни понуди.
Џеф редовно пишува колумни за иновацијата и претприемништвото за списанието Inc. Magazine. Работи со Белата Куќа, Извршната канцеларија на Претседателот на САД, за Стејт департментот и за одделот за трговија на САД, со цел да го поддржи бизнисот и економскиот раст низ целиот свет.
Тој исто така е и главен соработник за иновации на клиниката во Кливленд, една од водечките болници во светот и центар за медицински истражувања. Хофман е основач и партнер во ColorJar, LLC, компанијата Idea Accelerator која им помага на претприемачите и на сопствениците на мали бизниси да започнат и развијат нови бизнис зделки. Пред тоа Џеф работеше како извршен директор на Enable Holdings, Inc.
Негова прва старт-ап компанија беше софтверската компанија CTI, во туристичката индустрија. Тој беше два пати прогласен за еден од 25 највлијателни директори во туристичката индустрија во светот. Хофман исто така беше основач и извршен директор на пионерот во е-трговијата, Virtual Shopping, Inc.
Џеф Хофман можеби е најмногу познат како основач и извршен директор на ланецот на компании Priceline.com. Тој работеше и како директор на Walker Digital, компанијата од која подоцна се разви Priceline и еден од најиновативните креатори на интелектуална сопственост и нови бизнис модели.
По Priceline, Џеф работеше како партнер, претседател и извршен директор на Black Sky Entertainment, независна компанија од филмската и музичката индустрија. Тој е редовен бизнис експерт на Fox News, CNN, NBC и други медиуми. Зборувал на конференции и симпозиуми во преку 40 различни земји во светот.
Фото: Џеф Хофман (лево) и Јован Маџовски (десно) на “Бизнис конференција и тркалезна маса со Џеф Хофман”: 17-18 јануари 2013, Косово