КХВ: Друштвото Life Division нема дозвола за услугите што ги нуди во Македонија

17

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) одлучи да ги информира сите инвеститори во земјава дека друштвото кое работи под името Life Division односно Innovative Securities Limited (регистрирано во Нов Зеланд) како подружница на Innovative International Group Limited (регистрирана во Велика Британија) нема добиено дозвола за услугите кои им ги нуди на граѓаните на Република Македонија, како што се вложување во инвестициски фондови, управување со портфолио на индивидуални клиенти, како и посредување при тргување со финансиски инструменти, беше истакнато на седницата на КХВ.

“Комисијата смета дека сите потенцијални вложувачи треба да бидат крајно внимателни при носењето на одлука за инвестирање во наведените правни лица од причина што Комисијата како регулатор на пазарот на хартии од вредност во вакви случаи нема надлежност да ги заштити нивните права и интереси доколку тие бидат оштетени“, сметаат од КХВ.

Во неколку земји од Европската Унија, како што се наведува, веќе постојат предупредувања од надлежните регулаторни тела дека Life Division односно Innovative Securities Limited вршат нерегистриранa дејност во тамошните држави.

Комисијата ги повикува сите потенцијални инвеститори пред да ги вложат и доверат своите средства да го имаат предвид ова Соопштение и да ја посетат веб страната www.sec.gov.mk каде можат да ги најдат регистрите на сите правни лица во Република Македонија кои согласно законите имаат дозвола од Комисијата за хартии од вредност да вршат брокерски услуги, управување со портфолио на индивидуални клиенти, односно да управуваат со инвестициски фондови.

КХВ на седницата даде одобрение на ТТК Банка АД Скопје да продаде сопствени акции по пат на јавна понуда. Станува збор за 25.960 обични акции кои претставуваат 2,86% од вкупниот број на издадени акции од ТТК Банка АД Скопје кој изнесува 907.888 обични акции.

Минималната продажна цена по акција е 546 денари по акција, а вкупната минимална продажна вредност на сопствените акции изнесува 14.174.160 денари. Јавната понуда ќе се смета за успешна доколку се продадат најмалку 60 проценти од понудените акции.