AEK ги намали претплатите во фиксната телефонија за деловните корисници на Mакедонски Tелеком

68

Од 1 октомври годинава претплатата за фиксен телефон ќе биде 399 денари. Тоа следи по одлуката што ја донесе Агенцијата за електронски комуникации за изедначување на цените на претплатите во фиксна телефонија помеѓу сите физички и правни корисници на оваа услуга од Македонски Телеком.

– Врз основа на долго анализирање на состојбите на пазарот, беше донесена одлука според која не постои пазар на физички и пазар на правни лица, односно се работи за еден единствен пазар во кој корисниците користат идентична услуга, а тоа е фиксна телефонија, соопшти денеска АЕК.

Со одлуката на АЕК, корист ќе имаат повеќе од 23.000 деловни претплатници на поединечни услуги на Телеком, кои досега имаа претплати од 700 денари без ДДВ. Од 1 октомври сите тие ќе плаќаат драстично намалена претплата за фиксна телефонија од 399 денари без ДДВ, исто како и сите физички лица корисници на оваа услуга од МТ. Дополнително, се вели во соопштението, ќе се намали претплатата и на околу 8.000 деловни претплатници кои користат ИСДН БРА услуга од Македонски Телеком, а досега плаќаа претплата од 950 денари без ДДВ, на 694 денари без ДДВ.