Макпрогрес одбележа 25 години работа со нова инвестиција од 4,5 милиони евра, 50 нови производи и 50 нови вработувања

102

2l-580x296

Јубилејот 25 години работа, компанијата Макпрогрес Доо Виница го одбележува на најдобар можен начин. Својата успешна приказна и овој јубилеј го заокружува со нова инвестиција вредна 4,5 милиони евра. Оваа инвестиција опфаќа отворање на нов производствен погон Винчини 7 за производство на кондиторски производи, како и два производни погони за производство на прехранбени производи од брендовите Сончева Долина и Натура. Предвидено е производство на околу 50-тина нови производи и 60 нови вработувања.

Приказната за Макпрогрес започнува во 1990 година кога е основана компанијата со 100% приватен капитал. Иако започнува како трговска фирма, многу брзо Макпрогрес започнува со создавање и лансирање на сопствени трговски марки кои денес со гордост се дел од семејството Макпрогрес. Денес, Макпрогрес е лидер во кондиторската индустрија во Македонија. Со 500 вработени е лидер и стожер на локалниот економски развој во Виничко-Кочанскиот регион. Трудот, посветеноста, бизнис филозофијата и начинот на управување со фирмата од година во година значат раст, развој, инвестиции, проширување на семејството кое веќе 25 години живее заедно. Макпрогрес е вистински економски амбасадор на Република Македонија, гордо преставувајќи ја државата, а потврда за тоа е извоз во преку 50 држави ширум светот. Со годишно производство од 13.000 тони готов производ, од кои 78% одат за извоз говорат за големината, улогата и сериозноста на Макпрогрес. Од вкупното производство, 93% се продаваат под регистрираните трговски марки сопственост на Макпрогрес, ова е вистинската слика за моќта и големината на Макпрогрес. Дел од портфолиото на Макпрогрес се над 300 производи групирани во петте брендови Винчини, Армониа, Сончева долина, Винчини фајнест и Натура. Овие производи досега се произведуваа во две фабрики со шест линии за производство на кондиторски производи, една фабрика за земјоделски зрнести производи и една фабрика за пакување на житарки. Со новата фабрика Винчини 7 кон ова портфолио ќе се додадат и 50-тина нови производи, производи кои се одговорот на барањата на потрошувачите.

Компанијата Макпрогрес постојано се труди да ги одржува односите со заедницата и потрошувачите на многу високо ниво. Во изминатите 25 години на заедничко живеење Макпрогрес се јавувал како поддржувач иницијатор и помагач на многу активности од секоја сфера на општественото живеење и делување во Република Македонија преку разни донации, спонзорства, директни или индиректни соработки. Макпрогрес два пати е добитник на награда за општествено одговорна компанија за 2011 во областа на екологијата и во 2012 во областа на односи со вработените. Сето ова за нас е голема обврска и кауза за која работиме, сите вклучени во животот на Макпрогрес се подеднакво значајни, овде пред се мислиме на системот на запчаници без кој не може да се опстане. Тука мислиме на сопствениците, вработените, добавувачите, дистрибутерите и нивното величество потрошувачите која ја даваат верификацијата на сето ова за кое работиме. Тоа е и основата на платформата во чие име ја прославуваме оваа годишнина „25 години живееме заедно”. Наша среднорочна цел е да станеме лидер во кондиторската индустрија во централна и југоисточна Европа.

„Да се биде на чело на едно семејство како што е Макпрогрес е големо задоволство, но и голема обврска. Обврска кон сите 500 вработени со кои делиме лошо и добро. Заеднички научивме да чекориме, заеднички се носиме со сите проблеми, заеднички од Макпрогрес направиме фирма со која сите се гордееме. Секако дека патот не е лесен, имаше и секогаш ќе има предизвици, но кога сме сите заедно тие полесно се решаваат. Патуваме низ светот и ја шириме мисијата и приказната за Макпрогрес и навистина се гордееме со тоа. Денес Макпрогрес е еден од многуте успешни двигатели на македонската економија, нашите производи се извезуваат во над 50 држави во светот. Успехот е наш, заеднички и ќе продолжиме понатаму да се трудиме да сме подобри, поуспешни и позадоволни сите ние. Горд сум бидејќи 25 години живееме заедно и градиме успешно!”, истакнува основачот и генералниот директор г-нот Александар Цветанов во името на 25 годишниот јубилеј.