Конференција по повод 60-годишнината на Усје: Влијанието на градежните материјали врз квалитетот на градбата

86

Boris Hrisafov_Gen. dir. Usje_FOTO

Ефикасен и силен механизам за контрола на квалитетот на градежните материјали кои се нудат на пазарот е еден од најзначајните предуслови што треба да обезбедат дополнителни гаранции за сигурноста на градбите и одржлив раст на домашната градежна индустрија. Ова е една од клучните заложби на учесниците на конференцијата “Влијанието на градежните материјали врз квалитетот на градбата“, организирана од Цементарница Усје, во функција на обележување на 60-годишнината од почетокот со работа.

“Градежната индустрија е значаен двигател на економскиот развој на земјата. Поради ваквото нејзино значење, добро е што оваа гранка од индустријата се потпира врз силни компании кои имаат капацитет, знаење и големо искуство и кои континуирано вложуваат во производство на квалитетни градежни материјали. Во насока на континуирано креирање на поволен амбиент за натамошен развој на оваа гранка, Министерството за економија подготви нов Закон за градежните производи, кој е усогласен со новите регулативи во законодавството на ЕУ и ќе придонесе во поедноставување на административните постапки,  скратување на времето потребно за добивање на именување на телата и е во функција на зголемена ефикасност за контрола и сузбивање на сите технички и трговски бариери во оваа област. Сите овие аспекти, верувам дека ќе придонесат за понатамошен раст и развој на градежната индустрија“, изјави министерот за економија Беким Незири.

Претставниците од институциите, стручните и научни организации и тела од областа на градежништвото, како и градежни компании кои земаа учество на конференцијата, презентираа податоци и стручни анализи кои јасно потврдуваат дека градежните материјали кои се произведуваат во Македонија, меѓу кои и цементот, се со висок квалитет.

“Во Република Македонија се донесени сите стандарди за квалитет за индустријата за градежни материјали и тие се дел од се законската регулатива на земјата, која во голем дел е усогласена со законодавството на ЕУ“, децидeн е проф. д-р Тони Арангелевски од Градежниот факултет и член на Техничкиот комитет ТК 25 во Институтот за стандардизација.

“Цементарница Усје во континуитет вложува обемни средства, знаење и иновации во обезбедување на висок квалитет на своите производи. Тоа е нашата клучна стратешка определба за која имаме целокупна поддршка од нашата групација Титан, преку која ни се на располагање искуствата и најновите светски индустриски трендови“, изјави Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница Усје, искажувајќи посебна благодарност до сите институции и стручни тела надлежни за контрола на квалитетот на градежните материјали во земјата, за досегашната соработка во областа на обезбедување на посакуваното ниво на квалитет на постојните и развој на нови производи.

Учесниците на конференцијата ја поздравија иницијативата на Усје за ваков вид дијалог меѓу бизнис секторот, институциите и стручната јавност и се заложија за негово продолжување и продлабочување во функција на поуспешно следење и примена на современите трендови, но и во изнаоѓање ефикасни решенија за предизвиците кои можат да ги нарушат перспективите за натамошен развој на домашната градежна индустрија.