Реализацијата на првата фаза од изградбата на хидросистемот Злетовица е завршена. Со оваа инвестиција вредна 100 милиони евра, се решава проблемот за водоснабдување на шест општини во источниот дел од земјава меѓу кои Штип, Свети Николе, Лозово, Карбинци, Кратово и Пробиштип.
Браната свечено ја пуштија во употреба премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за транспорт и врски, Љупчо Димовски и Миле Јанакиески.
Новата брана е висока 75 метри, во основата е широка 300 метри, должината на акумулацијата е 4 километри, а максимална можност да акумулира и е 23,5 милиони метри кубни вода. Преку кредит од Јапонската агенција за меѓународна соработка Џајка, беа обезбедени 70 милиони евра, а 25 милиони од Владата на Република Македонија.
Како што формираше премиерот постапката за втората фаза е почната, а по нејзино завршување веднаш ќе се премине на третата која предвидува производство на електрична енергија што дополнително ќе го подобри енергетскиот потенцијал на регионот и енергетските ресурси на државата.
Паралелно со изградбата на браната изграден е цевковод во должина од 85 километри до Штип, Свети Николе, Лозово и Карбинци, додека за Кратово цевководот е компатибилен и изграден со почетокот на изградбата на браната во 1988 година.
“Првпат во изградба на насипна брана во Република Македонија наместо глинени применето е да се изгради асфалтно јадро што се покажа како добро решение за стабилноста и водонепропустноста на браната”, рече директорот на хидросистемот Злетовица Миланов.
Амбасадорот на Јапонија во Република Македонија Шигео Иватани посочи дека важноста на браната е голема имајќи го предвид ниското ниво на врнежи во овој дел од државата.