Продадена велешката фабрика за цигли Киро Ќучук

543

kiro kucuk

Македонско – турската компанија со седиште во Скопје Еуро Бинк е новиот сопственик на фабриката за цигли Киро Ќучук во Велес, одлучија 96,3% од доверителите со право на глас за фабриката на седница во Основниот суд во Велес, пишува Миа.

Еуро Бинк, која се занимава со производство на цигли, керамиди и друг градежен материјал за фабриката проценета на над 226 милиони денари понуди 68 милиони денари.

Доверителите оценија дека понудата е поволна бидејќи, според Законот ова е последна продажба. Ако и овој пат не успееше продажбата тогаш имотот на Киро Ќучук ќе се распределуваше на сите 380 доверители според процентот на нивните побарувања.

Ацо Петров, стечаен управник на фабриката Киро Ќучук која две и пол години е во стечај, информира дека купувачите уплатиле 10% од вкупната проценета вредност на фабриката, а имаат обврска за  15 дена, откако  ќе го добијат решението, да го уплатат остатокот од средствата. Во спротивно продажбата ќе се поништи.

“Доколку не се уплатат средствата, за кој било предмет на продажба, таа се  поништува и се оди на негова поделба, а на купувачите им пропаѓа уплатениот депозит“,  појасни Петров.

Според Петров, од уплатените средства најпрво ќе бидат исплатени трошоците и обврските како и платите на затекнатите педесетина работници во момент на отворање на стечајната постапка на фабриката Киро Ќучук.

Борче Пинев, државен правобранител за регионот на Велес, вели дека понудата за продажба на Киро Ќучук е прифатлива.

“Понудата е прифатлива бидејќи фирмата би ја рестартирала фабриката, би придонела во  вработување на нови лица, би влијаела на социјалниот момент. Понудената сума за сите три понуди е 44%, што е прифатливо. Лошо решение е доколку не се продаде, бидејќи по втората неуспешна електронска продажба следи поделба на имотот, кое би било на идеални делови. Тогаш се јавуваат проблеми во правниот и финансискиот промет“, појасни Пинев.