Двете познати македонски компании Жито Маркети и Кожувчанка успешно ја завршија својата заедничка хуманитарна кампања „Со мал дел до голема цел“, преку која се собираа средства за донација во Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Со донацијата која што беше поддржана од граѓаните – потрошувачите во ланецот на Жито Маркети и конзументите на Кожувчанка, Клиниката ќе добие нови апарати за дезинфекција на раце.
„Нашата болница секогаш има потреба од нови апарати. Овој пат, апаратите за хигена што ни ги овозможија Жито Маркети и Кожувчанка, потпомогнати од граѓаните, ќе ни бидат од голема корист имајќи предвид дека во ваква установа како нашата, хигиената секогаш треба да биде на високо ниво. Голема благодарност до двете компании кои несебично и безрезервно се ангажираа да се подобрат условите во нашата болница“, изјави Д-р Марија Хаџи Лега, директор од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Во оваа кампања дирекно се вклучија и граѓаните кои ја покажаа својата хуманост со купување на Кожувчанка во кој било продажен објект на Жито Маркети, со што потоа од продажбата се издвојуваа средства во фондот за донација преку кој се овозможија два нови апарати за дезинфекција на раце.
„Уште еднаш се докажа дека во Македонија кога станува збор за помош и донирање во јавна институција на која и е потребна помош, граѓаните несебично ја покажаат својата хуманитарна страна. Нашата соработка со Кожувчанка го потврди фактот дека кога две компании имаат заедничка цел, да помогнат во подобрувањето на општото добро, тогаш непречено се стигнува до целта и реализирањето на идеите се одвива со многу ентузијазам. Оваа успешна акција е дополнителен стимул и понатаму да настојуваме во препознавањето на потребите на заедницата и да продолжиме со ваквите или слични донаторски кампањи“, истакна Стојанче Тодороски, маркетинг директор на Жито Маркети.
Ратко Мицев, маркетинг менаџер на Кожувчанка, искажа дополнителна благодарност до сите потрошувачи што дирекно се вклучија во кампањата и придонесоа средствата за донација да се соберат во определено планираниот период.
„Нè радува фактот дека сите заедно, ние, Жито Маркети и граѓаните, брзо и ефикасно овозможивме подобрување на условите во Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Се надеваме дека во иднина ваквите хуманитарни акции ќе продолжат затоа што токму преку нив се создава пример кој позитивно влијае врз свеста на граѓаните и дирекно влијае врз подобрување на условите во средината каде што живееме“, додаде Мицев.
Преставниците од Жито Маркети и Кожувчанка дадоа ветување дека и понатаму ќе организираат исти или слични хуманитарни кампањи, а не ја исклучуваат и можноста за нивна повторна соработка. Ваквиот пример на соработка помеѓу Жито Маркети и Кожувчанка е показател дека грижата за граѓаните е приоритет на овие компании, а кога станува збор за подобрување на условите и квалитетот на работење во јавните установи и институции, општествената одговорност е составен дел од нивното работење.