Најчести замки при купување на недвижен имот

kluc

Фото: Pixabay

Да се донесе одлука за купување на куќа или стан не е така едноставно. Постојат многу замки што на прв поглед е тешко да се забележат, пишува Вечерњи лист.

За да не бидете во онаа измамена група, еве на што треба да обрнете внимание.

Не треба да брзате

Купувањето на недвижен имот е возбудливо искуство и честопати и одлука за цел живот. Токму затоа истата не смее да биде донесена нагло и избрзано. Дефинирајте ги желбите, очекувањата и можностите, па според тие критериуми побарајте го вашиот имот.

Детален преглед

Доколку можете ангажирајте и стручно лице кога го разгледувате недвижниот имот. На тој начин ќе бидете предупредени во случај истиот да има недостатоци што не можат да се воочат на прв поглед. Направете проценка и дали имотот вреди да се реновира и по која цена.

И соседите се важни

Кога купувате стан морате да бидете свесни дека ѕидовите ќе ги делите со соседите. Тоа не значи дека мора да бидете најдобри пријатели, но искуството покажало дека соседите се сепак важни. Во случај да ви треба помош, соседот е прв на кого ќе јавите, што е причина повеќе да воспоставите еден нормален однос каков што се бара кога живеете во зграда.

Сите услови да бидат во договорот

Кога ја договарате цената со продавачот, побарајте во договорот да бидат точно наведени сите податоци за имотот. Заедно со договорот треба да имате и сертификат за сопственост, градежна дозвола, извод од катастарот… Ако давате аконтација тоа мора посебно да биде наведено и договорете ги условите во случај да се случи раскинување на договорот.

Разгледајте повеќе опции ако земате кредит

Не е реткост да се зема кредит од банка кога се купува недвижен имот, особено ако е тоа прва таква зделка. Од голема важност е пред да се одлучите за кредит добро да се распрашате за условите на банката. Доколку истите не се поволни, разгледајте ги можностите во другите банки и добро прочитајте го договорот пред да потпишете.

Мора да знаете што точно се продава

Пред да потпишете побарајте од продавачот да прецизира што сè е вклучено во цената, за да не дојде до непријатни изненадувања. Мора точно да се знае што купувате.

Што всушност ви треба

Може да се случи некоја куќа или стан да ви се допадне на прв поглед, но по кратко време да увидите дека тоа не е идеалниот простор за вас и вашето семејство. Потребите и практичноста ставете ги на прво место, а деталите и атрактивноста се создаваат со текот на времето.