Моја Идеја! Мој Бизнис! го разбуди креативниот претприемачки дух кај младите од Пелагонискиот регион. Со учество на млади претприемачи со 40 интересни бизнис идеи, започна реализацијата на Програмата што ја спроведува CEED Македонија, со целосна финансиска поддршка од Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп.
На Економскиот факултет во Прилеп минатата недела веќе се одржаа и првите две обуки од првиот модул на Моја Идеја! Мој Бизнис! преку кој учесниците се запознаа со техниките како да ги задржат постоечките клиенти и како да дојдат до нови потенцијални потрошувачи. За време на сите модули, како предавачи и тренери ќе учествуваат реномирани професионалци, бизнисмени и сопственици на компании кои ќе споделат свои професионални и лични искуства во водењето на бизнисот. Шестмесечната програма предвидува пет еднодневни модули на кои ќе се презентираат техники за развој на бизнисот и подобрување на претприемачките вештини.
„Пријатно сме изненадени од заинтересираноста кај младите да ги претворат своите бизнис идеи во сериозен бизнис проект. По периодот за интервјуа на апликантите, администраторот на Проектот, CEED Македонија одбра 40 бизнис идеи од млади претприемачи од Пелагонискиот регион, што ветуваат потенцијал и можност за реализација. Спроведувањето на оваа Програма е од особено значење за учесниците, бидејќи преку модулите на обука тие ќе научат важни вештини како ефикасно да настапат во остварување на своите бизнис планови на пазарот. Изразениот интерес на младите во ваквите програми само ја потврдуваат нашата доверба во нивниот претприемачки потенцијал, па и во иднина ќе ги разгледуваме можностите за помагање на проекти за развивањето на претприемачкиот дух и вештини кај младите“, истакна Анита Блажевска, менаџер за корпоративни прашања во Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп.
Со спроведување на проектот Моја Идеја! Мој Бизнис! се очекува да се отворат нови можности за работа кај младите, а со тоа и да се зголеми економскиот и општествениот развој во Пелагонискиот регион. Како дополнителен стимул за учесниците, Програмата предвидува доделување на еднократен, неповратен грант од по 2.000 американски долари за најдобрите пет проекти. Исто така, најдобрите пет студентски проекти ќе бидат наградени со по 500 американски долари поединечно, кои ќе можат да ги искористат или како првична поддршка за реализирање на бизнис идејата или за финансирање на понатамошните студии.