Студентската екипа од Факултетот за електротехника и информациски технологии ја потврди титулата Балкански шампиони со победата на деветиот натпревар Хардвер и софтвер, кој се одржа во рамки на меѓународната конференција Енергетска електроника и Индустриска електроника.
Со оваа победа, студентите оф ФЕИТ, по трет пат ја одбранија шампионската титула. Овогодишната задача беше инспирирана од најновите напредоци во конструирањето автономни возила. Натпреварувачите располаа со минијатурно Buggy возило управувано од вграден микрокомпјутер што требаше да го програмираат да следи линија. Дополнително, преку соодветен сензор за боја, требаше да препознае боја на одредени обоени површини долж патеката, да исчити податоци од бесконтактни читачи (RFID) и во реално време, преку безжична врска, да ги испрати податоците до централен компјутер, за кој студентите требаше да напишат програма за прикажување на податоци.
Студентите со силно темпо и деноноќна работа ја завршија задачата. Иако компонентите поединечно функционираа исправно, нивната интеграција во комплексен систем му донесе на тимот многу главоболки и непроспиени ноќи. Сепак, возилото сигурно се движеше по патеката независно од брзината или острите кривини. Конечно, во финалето, тимот на ФЕИТ собра 15 задолжителни поени повеќе од сите други тимови и не остави простор судиите да можат да го променат резултатот со нивните десет поени за уметнички впечаток.
Серијата победи за ФЕИТ ја почна екипата во состав: Мартин Цветковски, Лазе Димитриевски, Игор Симевски и Стојан Матески под водство на Дарко Цветковски со освојување на првото место на натпреварот во 2011 година. Нивниот Mars-eksplorer успешно и најбрзо ги собра сите податоци од сондите.
Наредната година, Александар Лазаров, Татјана Чавдарова, Викториа Донева и Сашко Јовановски под повторно водство на Дарко Цветковски составија роботска рака опремена со камера и компјутерска интелигенција и ги победија сите екипи во играта состави четири, со што по втор пат го освоија првото место за ФЕИТ. Како куриозитет, на крајот од натпреварот судиите одиграа против роботската рака и – изгубија.
Во 2013 и 2014 година овие натпревари не се одржаа, но екипа на ФЕИТ во состав Александар Лазаров и Мартин Стојановски, под водство на Бранислав Геразов, учествуваа на сличен натпревар во Темишвар – Романија на натпреварот Robotec 2014 во дисциплината Micromouse. Нивното глувче, мало возило опремено со сензори и алгоритми за движење кое што сами го изработија, беше единствено што го реши лавиринтот и ја пронајде целта, со што го освоиja првото место. На тој начин ФЕИТ и Институтот за електроника, ја “одржаа својата кондиција”.
Овие резултати, но и други резултати на студентите од ФЕИТ, на пример, второ место на балканскиот натпревар LabView, прва награда за иновација на Макинова, најдобро демо на врвна конференција од телекомуникации, не се случајни. Студентите на ФЕИТ се калат низ многу предмети во кои што се комбинирани теоретските и практичните вештини во сите студиски програми, а Институтот за електроника, покрај тоа, посветува дополнително внимание во програмата Компјутерско хардверско инженерство и електроника да бидат добро избалансирани хардверските со софтверските елементи. Покрај предметите од наставата, студентите се челичат и на традиционалниот натпревар со меѓународно учество Робомак, како и во летната школа Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи. Овие настани се одржуваат секоја година и посебно го акцентираат комбинираниот хардверско-софтверски пристап во решавањето различни проблеми.